Премиерот Димитар Ковачевски утре ќе се сретне со лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, во рамки на консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Средбата ќе се одржи во Клубот на пратениците од 11 часот.
Премиерот Ковачевски денеска потврди дека имал телефонски разговор со Села и дека најверојатно утре ќе му биде презентиран францускиот предлог.
„Остана за консултација уште дел, јас утрово имав телефонски разговор со Зијадин Села, најверојатно утре ќе се видиме со вицепремиерот за европски прашања да му биде претставен, објаснет во сите делови,“
рече Ковачевски посредбата со Мицкоски.
На средбата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хриситјан Мицкоски, премиерот го претстави францускиот прелдог кој беше отфрлен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Францускиот предлог денеска беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свикува претседателот на државата Стево Пендаровски, кој по седницата изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што истакна, е што со ништо не го поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.