Националната здравствена комисија на Кина денеска објави за само 19 нови случаи на заболени од новиот коронавирус во земјата (со исклучок на Хонгконг и Макао) во последните 24 часа.
Тоа е најмал број заразени во Кина откако властите започнаа да даваат национални податоци на 20 јануари годинава. Седумнаесет од новите случаи се во градот Вухан, епицентарот на епидемијата.
Вкупниот број потврдени случаи во Кина достигна 80 754.
Во изминатите 24 часа како последица на коронавирусот починаа 17 лица, сите во Вухан, главниот град на провинцијата Хубеј. Со тоа, вкупниот број на луѓе кои починаа од инфекцијата во Кина достигна 3 136.
Од новиот коронавирус оздравеле речиси 60 000 луѓе.
Властите ги затворија сите времени болници во Вухан, во кои помош досега добиле 12.000 пациенти.
Образложението е дека времените болници речиси целосно ја исполниле целта „да ги прифатат сите пациенти кои морале да бидат хоспитализирани и кои морале да бидат лекувани“.
За денеска е најавена посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Вухан, што е негова прва посета на тој град од почетокот на епидемијата во крајот на минатата година.
Во најавата на посетата, се наведува дека Си „ќе посети и ќе упати поздрави до медицински персонал, војници, работници во заедницата, полициски службеници, локални власти и волонтери кои се борат против епидемијата, како и со пациенти и жители на градот“, јави државната агенција Синхуа.
За разлика од Кина, од каде што започна епидемијата на новиот вирус, Европа се соочува со најтешкиот период. Најпогодена е Италија, каде што од вчера е прогласен карантин на ниво на цела држава.
Грција регистрира уште пет нови случаи, Србија пријави вкупно четири
Министерството за здравство на Грција утрово соопшти дека се потврдени пет нови случаи на коронавирусот, четворица се блиски контакти на веќе потврдени случаи, еден е кај лице кое патувало во Лондон, со што бројката на заразени со ковид-19 во Грција се искачи на 89 лица.
Претставникот на Министерството за здравство на Грција, задолжен за коронавирусот, професорот Сотирис Циодрас соопштува дека е влошена состојбата на лицето кое изминатите денови е хоспитализирано на интензивна нега во болницата во грчкиот град Патра и се наоѓа во критична состојба.
Во Србија се потврдени уште два случаи на инфекција со новиот коронавирус, со што вкупниот број на заразени сега изнесува четири, соопшти утрово српското Министерство за здравство.
Во националната референтна лабораторија на Институтот Торлак до денеска се тестирани вкупно 108 лица.
Од синоќа во 18 часот до утрово во 8 часот биле тестирани примероци од пет лица, од кои две биле позитивни и три негативни на новиот коронавирус.
Во нашата земја бројот на заразени достигна 7, откако синоќа беа потврдени позитивни тестови на коронавирус на три лица, тројцата членови на семејството на сопружниците од дебарско се позитивни, а останатите петмина се негативни на коронавирусот, информира Министерството за здравство.
Сепак, она што предизвика бура во јавноста е случајот со заразената лекарка, директорка на Клиниката за кожни болести, која иако заразена не ја почитувала препораката за домашна изолација поради престојот во Италија и одела на работа. Поради тоа речиси 200 лица кои биле во контакт со неа се ставени во домашна изолација.
*Поврзана вест
Шпанија ги затвора училиштата и универзитетите на две недели