Во истрагата ќе видиме што сè е купено. Меѓутоа, претежен дел или се орочени или се останати на сметките, вели шефот на скопското обвинителство
Шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, во интервју за порталот „А1он“ вели дека во случајот „Делчевски ниви“ најголем дел од парите од продажбата стојат на сметки.
Станува збор за случај за кој лани во ноември и декември „360 степени“ објави серија стории за ниви во Делчевско што ги купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што ги продале нивите на компанијата ги добиле на подарок само три недели претходно. За случајот постапуваше Управата за финансиска полиција, која пред една недела поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје кое отвори истрага.
На прашањето дали постојат индиции дека парите од оваа афера завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, Бубевски во интервјуто за „А1он“ одговара дека ќе покаже каде завршиле дел од парите односно што е купено со нив, но и посочува дека голем дел од нив сè уште стојат на сметки.
„Тие пари завршиле кај продавачите, натаму каде завршиле, сè уште се истражува. Голем дел од паричните средства, да не речам и претежен дел сè уште стојат и на сметки и имаме трага што е купено со нив. Во однос на дневнополитичките работи, не можам да коментирам, сметам дека тоа е од дневен карактер натпревар помеѓу политичките партии кој е полош“.
„Во истрагата ќе видиме што сè е купено. Меѓутоа, претежен дел или се орочени или се останати на сметките. Значи претежен дел од тие пари се на сметките на физичките лица кои ги продале на ЕВН“,
вели обвинителот во неговите одговори.
Тој вели дека е можно да се поднесе обвинение до средината на јули односно пред почетокот на судската ферија, но сепак нагласува дека друг обвинител го води случајот. Материјалните докази, според неговата изјава, се прибрани, остануваат вербалните докази односно собирање на искази од сведоци на обвинителски записник, како и одредено вештачење.
*Поврзани вести:
- (ВИДЕО) Финансиската полиција бара замрзнување на имот купен со пари од нивите продадени на ЕВН во Делчево
- (ВИДЕО) Проширена предистрагата за нивите на „ЕВН Електрани“ – дали претресот во станот на О.Т. е потрага по „мозокот“ на шемата?
- СДСМ: Мицкоски да каже каде завршиле украдените пари од малверзациите со ниви во Делчево
- Мицкоски за случајот со нивите во Делчево: Ќе тужам за клевета!