Верувам во пресумпција на невиност, но, исто така, секаде каде што ќе се докаже вина, родена сестра да ми е, за сторен криминал ќе одговара. Очекувам истото тоа што е направено за сите овие луѓе, да биде направено за сите останати што на истиот начин продавале вакво земјиште на ЕВН, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска повторно негираше каква било поврзаност со случајот со продажбата на парцели во Делчевско од физички лица на компанијата ЕВН Електрани.
Коментирајќи го притворот на осомничените за случајот, Мицкоски рече дека прво ќе бара извинување од СДСМ, а потоа ќе поднесе тужба за навреда и клевета.
„Тие почнаа процедурата да ја тркалаат дека така се финансирало ВМРО, дека јас сум бил вплеткан итн., но видовме дека тие лица се таму каде што се поради сосема други членови од Кривичниот законик. Верувам во пресумпција на невиност, но, исто така, секому каде што ќе се докаже вина, родена сестра да ми е, за сторен криминал ќе одговара. Тоа важи за сите оние кои не само што се членови на ВМРО, на СДСМ, ДУИ, Алијанса, било кој, политички определени или политички неопределени. Очекувам истото тоа што е направено за сите овие луѓе, да биде направено за сите оние останати што на истиот начин продавале вакво земјиште на ЕВН. Очекувам и Финансиската полиција и Обвинителство да постапат и со останатите 100-200 парцели и останатите продавачи да имаат ист третман. Инаку, во спротивно, третманот ќе се однесува само на поединци, а не генерално“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, од СДСМ го повикаа Мицкоски да каже каде завршиле парите од малверзациите со ниви во Делчево.
„Дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот шеф и ментор Никола Груевски и преку својот телохранител ги прикривал трагите за испумпување на пари од ВМРО-ДПМНЕ“,
прашаа од СДСМ.
Инаку, се работи за случај за кој лани во ноември и декември „360 степени“ објави серија стории за ниви во Делчевско што ги купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што ги продале нивите на компаниите ги добиле на подарок само три недели претходно.