Унгарскиот премиер смета дека Европската комисија не ги консултирала земјите членки на ЕУ пред да предложи ембарго врз нафтата и Унгарија ќе бара солидни гаранции пред да прифати компромис
Немаме компромис, немаме договор за санкциите врз нафтата, а вината е кај Европската комисија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, јави МИА од Брисел.
Унгарскиот премиер смета дека Европската комисија не ги консултирала земјите членки на ЕУ пред да предложи ембарго врз нафтата и Унгарија ќе бара солидни гаранции пред да прифати компромис.

„Се наоѓаме во тешка ситуацијата поради неодговорното однесување на Комисијата“,
изјави Виктор Орбан пред почетокот на вонредниот ЕУ самит, на кој најтешка тема ќе биде предложеното ембарго врз руската нафта.
Орбан оцени дека Европската комисија по лидерскиот самит во Версај не преговарала соодветно со земјите членки и предложила ембарго врз нафтата „од нигде никаде“. Тој смета дека Будимпешта не може да прифати договор без гаранции за безбедноста на набавка на енергенси.
„Енергијата е сериозна тема, ова не е детска игра, ова е сериозно, прво треба да видиме решение, а потоа санкции, досега имаше пет предлози со различен пристап, прво санкции, потоа последици, но бидејќи енергијата е ризична, сериозна тема, прво треба решение, потоа санкции“,
изјави Орбан за новинарите пред самитот.
Унгарскиот премиер рече дека последниот компромис разработен на ниво на Советот во кој се иззема нафтата која доаѓа од нафтовод е добра основа, но не е доволно.
„Потребни ни се гаранции дека ако има несреќа со нафтоводот кој поминува низ Украина, треба да имаме право да добиеме руска нафта на друг начин“,
изјави Орбан.
Унгарија, како и Чешка и Словачка, се зависни од нафтоводот Дружба кој пренесува руска нафта преку Украина. Тие бараат и финансиска помош пред да прекинат да користат руска нафта.
Пред почетокот на вонредниот Самит на ЕУ, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен нагласи дека макотрпно се работи на шестиот пакет санкции и на ембаргото врз руската нафта, но оти нема високи очекувања дека тоа ќе се случи за следните 48 часа.
Викендов Политико објави дека членките на Европската унија размислуваат за компромисен план за воведување забрана за купување руска нафта, со што се остава можност тој енергенс да може да се купува преку гасоводот, додека нафтата што доаѓа од Русија со танкери да се забрани.
На тој начин би биле заштитени земјите кои немаат излез на море, а сепак би можеле да купуваат руска нафта која им доаѓа преку нафтоводите, но и Германија.
Лидерите на Европската унија веруваат дека на тој начин Унгарија би се согласила на воведување на шестиот пакет санкции против Русија, но тоа би бил делумен пораз на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која силно се залага за целосно ембарго на руската нафта.