ЕУ се обидува да направи нов план како да воведе санкции на руската нафта, но и да избегне вето од Орбан
Членките на Европската унија размислуваат за компромисен план за воведување забрана за купување руска нафта, со што се остава можност тој енергенс да може да се купува преку гасоводот, додека нафтата што доаѓа од Русија со танкери да се забрани.
На тој начин би биле заштитени земјите кои немаат излез на море, а сепак би можеле да купуваат руска нафта која им доаѓа преку нафтоводите, но и Германија, објави Политико.
Лидерите на Европската унија веруваат дека на тој начин Унгарија би се согласила на воведување на шестиот пакет санкции против Русија, но тоа би бил делумен пораз на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која силно се залага за целосно ембарго на руската нафта.
Дипломатски извори за порталот Политико велат дека секој компромисен план ќе зависи од детали и посочуваат дека секое изземање мора да биде што попрецизно.
„Не можеме да имаме ембарго кое во суштина се заснова на исклучоци. Ако ги исклучиме нафтоводите од ембаргото, тоа би значело дека мал број земји-членки ќе го сносат најголемиот товар од влијанието на енергетските санкции“,
велат дипломати.
И покрај недостатоците на предлогот, се чини дека повеќето членки на ЕУ го поддржуваат, бидејќи сите се фрустрирани од неколкунеделните неуспешни преговори и убедувањето на Унгарија да се откаже од своето вето.
Разговорите за тоа ќе продолжат во текот на викендот, а останува да се види дали планот ќе може да се договори на самитот на лидерите на ЕУ, кој е закажан за 30 и 31 мај.
Речиси еден месец, унгарскиот премиер Виктор Орбан го блокира планот за санкции на нафтената индустрија на рускиот претседател Владимир Путин.
Европската комисија, заедно со многу други земји-членки, сака да го забрани целиот увоз на руска нафта за да го прекине готовинскиот тек на Кремљ и да го притисне Путин да стави крај на неговата инвазија на Украина. Но, унгарскиот лидер вели дека економијата на неговата земја ќе биде сериозно погодена ако залихите се потрошат.