Од кабинетот на Џафери велат дека на денот што се наведува во информациите на порталите, 8 јули, Џафери имал средба со делегација од Европскиот муслимански форум, за што приложија линк од веста, демантирајќи дека се работи за средба со делегација од Чеченија
„Што ѝ ветил Талат Џафери на делегацијата од Чеченија која била во посета на Собранието?“ е прашање кое нема одговор затоа што претседателот на Собранието немал средба со делегација од Чеченија.
Вака од кабинетот на Џафери денеска реагираат на објавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, дека во јули лани Џафери имал средба со делегација од Чеченија, која била и во посета на Тетово.
Милошоски во објавата уште вели дека на собраниската веб-страница нема информации за овој настан, но „за среќа во Агенциите за безбедност има детални извештаи“.
Од кабинетот на Џафери велат дека на денот што се наведува во информациите на порталите, 8 јули, Џафери имал средба со делегација од Европскиот муслимански форум – Абдул-Вакхед Нијазов, претседател на Европскиот муслимански форум (Брисел, Белгија / Москва Русија), а на средбата присуствувале и Ромас Јакубаускас, муфтијата на Литванија, член на одборот на Европскиот муслимански форум, (Вилнус, Литванија); д-р Надер Акад, имам на Исламскиот центар во Трст, копретседател на Меѓународниот Мариан на муслиманска христијанска комисија во Меѓународната папска академија, член на Одборот на Европскиот муслимански форум (Рим, Италија), Јусеф Мурат муфтија на Романија, советник на Европскиот муслимански форум (Констанца, Романија), Наим Елгандур, претседател на Муслиманското здружение на Грција (Атина, Грција), Мустафа Избиштали, муфтија на Софија и Ферди Асани советник на Европскиот муслимански форум Скопје.
„Содржината на разговорот на мултилатерално ниво, како и секогаш, е објавена во веста на интернет-страницата на Собранието. Пред одржување на средбата, според вообичаената пракса, Собранието доби и позитивно мислење од МНР на Република Северна Македонија за одржување на средбата и информација дека делегацијата е примена од страна на претседателот на Собранието на Србија, а во 2018 година од страна на претседателот Иванов“,
се вели во соопштението.
Во прилог на ова од кабинетот на Џафери ја приложуваат информацијата за средбата на следниот линк.
„Во време кога Европа и светот одржуваат конференции за борба против лажни вести и дезаинформации, пратеник се впушта во лиферување вест која е апсолутно неточна и има за цел да нанесе штета не само на претседателот Џафери туку и на Собранието и на државата. Уште попоразително е што околу 20 портали, па дури и интернет-страници на национални телевизии ја презедоа веста, без да го контактираат кабинетот или во најмала рака да ја проверат веста на собраниската интернет-страница“,
се вели во реакцијата.