Гордо стоиме и продолжуваме да ги поддржуваме Владата и народот на Украина додека ја бранат својата земја од бруталната воена агресија на Кремљ, вели државниот секретар Блинкен во изјавата по повод повторното отворање на амбасадата во Киев

Американската амбасада во Киев повторно е отворена, три месеци откако десетина дена пред руската инвазија на Украина беше затворена.
Отворањето следува откако минатиот месец при посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Украина, тој најави враќање на дипломатската мисија во Киев.
„Денеска официјално ја продолжуваме работата на нашата амбасада во Киев. Украинскиот народ, со нашата безбедносна помош, ја одбрани својата татковина наспроти несовесната инвазија од Русија и како резултат на тоа знамето повторно се вее над амбасадата. Гордо стоиме и продолжуваме да ги поддржуваме Владата и народот на Украина додека ја бранат својата земја од бруталната воена агресија на Кремљ“,
вели Блинкен во изјавата по повод денешното отворање на амбасада.
Државниот секретар вели дека САД преземаат дополнителни мерки за да ја зголемат безбедноста на дипломатите и персоналот во амбасадата со посилни безбедносни мерки и протоколи.
Дел од земјите во ЕУ, како и Велика Британија, веќе направија ваков чекор и повторно ги отворија своите амбасади во Киев.