Потегот на Русија да протера вкупно 85 француски, италијански и шпански дипломати од својата територија е одговор на сличните потези на овие земји, како дел од заедничката европска акција на протерувања во која повеќе од 300 Руси од европските престолнини беа испратени дома
Откако претходно денеска Русија информира дека протерува 34 француски дипломати од својата територија, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека освен француските, протерува и 24 италијански и 27 шпански дипломати од својата земја, односно вкупно 85 членови на дипломатските претставништва од сите три земји.
Потегот на Руската Федерација е одговор на сличните потези на овие земји, кои се меѓу европските нации кои колективно исфрлија повеќе од 300 Руси од своите територии од почетокот на руската инвазија на Украина која започна на 24 февруари. Руските дипломати кои беа протерувани од европските земји беа обвинувани за шпионажа, што Москва го негира.
Амбасадорите на Франција, Италија и Шпанија денеска се повикани на разговор во руското Министерство за надворешни работи, каде и официјално се информирани за одлуките што ги донесе Москва.
Во меѓувреме, италијанскиот премиер Марио Драги го опиша потегот на Москва како непријателски чин и предупреди дека не треба да се прекинат дипломатските канали.
„Ова апсолутно не смее да доведе до прекин на дипломатските канали, бидејќи токму преку овие канали, доколку успееме, ќе се постигне мирот што секако го посакуваме“,
изјави шефот на италијанската влада.
Официјален Париз денеска остро го осуди протерувањето на 34 француски дипломати и оцени дека одлуката на Русија нема легитимна основа.
„Руската страна ја претставува одлуката како одговор на одлуките на Франција од април, кога беа протерани неколку десетици руски агенти поради сомневање дека се шпиони“,
соопшти француското Министерство за надворешни работи.
Минатиот месец Русија протера 45 полски и 40 германски дипломати, а најави одмазднички мерки и против Финска, Романија, Данска, Шведска, Норвешка и Јапонија.