Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Шведска и Финска не треба да очекуваат дека Турција ќе го одобри нивното барање за членство во НАТО и дека шведските и финските делегации не би требало да доаѓаат во Турција за да ги премислат турските власти.
Претходно Финска и Шведска официјално поднесоа барање за членство во НАТО сојузот, одлука поттикната поради руската инвазија во Украина, а се очекува процесот за нивно пристапување да трае само неколку седмици, и покрај турското противење.
„Имаме исклучителна чувствителност во заштитата на нашите граници од напади на терористички организации“,
им порача Ердоган на пратениците од својата партија во парламентот.
Ердоган изјавил и дека НАТО-партнерите никогаш не ја поддржувале Турција во нејзината борба против курдските милитантски групи, меѓу кои е и сириската курдска група.
„Ширењето на НАТО за нас ќе има смисла дури кога ќе увидиме уважување на нашите грижи“,
истакнал Ердоган.
Анкара тврди дека Шведска и Финска кријат луѓе за кои тврдат дека се поврзани со групи кои ги сметаат за терористички, посебно Работничката партија на Курдите и следбениците на Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за обидот за воен удар во 2016 година.