Овој закон се носи за во иднина и не би смеело да се дозволат пропусти или недостатоци кои ги имало непосредно пред избори што доведувало до инстантно менување на Изборниот законик, додаде тој, во контекст на барањето на опозицијата за предвремени избори
Министерот за правда Никола Тупанчески најави дека се очекува до крајот на овој месец политичките партии и граѓанските организации и здруженија да делегираат свои членови во новата работна група за подготовка на нов изборен законик со која ќе претседава експерт, а можно е да се вклучи во целиот процес и странски експерт.
,,Јас се обидувам колку што може повеќе да го афирмирам начелото на инклузивност, сите засегнати страни да бидат дел од што се нарекува нов Изборен законик. Колку ќе успеам во тоа не зависи само од мене затоа што се знае колку се моите ингеренции”,
рече Тупанчески, вечерва во Топ тема на Телма.
Овој закон се носи за во иднина и не би смеело да се дозволат пропусти или недостатоци кои ги имало непосредно пред избори што доведувало до инстантно менување на Изборниот законик, додаде тој, во контекст на барањето на опозицијата за предвремени избори, за кое рече дека е легитимно, но мора да се процени влијанието врз носењето на нов изборен закон.
Во однос на евентуално одржување на лидерска средба, Тупанчески рече дека како министер и како професор е противник на такви средби.
,,Лидерската средба според мене е суспензија на правото, се договараат 4 или 6 или не знам колку луѓе, како понатаму? Да, тоа можеби така изгледа доколку ја гледаме површината на нештата дека помага или е алгоритам да стигнеме до некое поместување, меѓутоа дефинитивно лидерските средби и според форма и според содржина значат суспендирање на основните принципи на владеење на правото”,
рече министерот за правда Никола Тупанчески во вечерашната емисија Топ тема на Телма.