Војната е доминантна тема на овогодинешниот фестивал и организаторите посветиле посебен ден на украинската филмска индустрија. На фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм „Мариупол 2“ на литванскиот режисер Мантас Кведаровичиус, кој загина во војната во Украина минатиот месец
Филмскиот фестивал во Кан вечерва беше официјално отворен по 75-ти пат, со учество на бројни ѕвезди и гости. Но, најголемото изненадување беше кога на големото платно се појави претседателот на Украина, инаку поранешен актер, Володимир Зеленски, кој во својата видео порака праша: „Дали кинематографијата ќе молчи?“.
„Илјадници луѓе умираат секој ден. Нема да станат кога ќе заврши аплаузот. Дали кинематографијата ќе молчи или ќе зборува? Ако има диктатор, ако има војна за слобода, се зависи од нашето единство. Може ли кинематографијата да остане надвор од ова единство?“,
праша Зеленски, потсетувајќи на моќта на филмот во Втората светска војна и на филмот на Чарли Чаплин „Големиот диктатор“ од 1940 година, кој го исмејуваше Адолф Хитлер.

Зеленски рече дека диктаторот на Чаплин не го уништил вистинскиот диктатор, но дека благодарение на тој филм филмската индустрија не замолчела.
Говорот на Зеленски публиката го следеше на нозе и го поздрави со овации.
По обраќањето, фестивалот официјално го отвори зомби-филмот „Фајнал Кат“, во режија на Мишел Азанавичиус, кој го смени името бидејќи буквата „З“ стана симбол на руската агресија врз Украина.
Најголемиот филмски фестивал во светот трае од 17 до 28 мај.

Војната е доминантна тема на овогодинешниот фестивал и организаторите посветиле посебен ден на украинската филмска индустрија. На фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм „Мариупол 2“ на литванскиот режисер Мантас Кведаровичиус, кој загина во војната во Украина минатиот месец.
Кан 2020 не се одржа поради пандемијата на коронавирус, а минатата година се одржа во посебни услови.
