Во рамките на дијалогот ќе бидат опфатени теми од билатералните односи за соработка во економијата, трговијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото, како и безбедносните сегменти од соработката, од миграција, борба против тероризам, па се до справување со организираниот и меѓународен криминал
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е назначен за координатор на процесот за Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД кој на 2 јуни ќе ја предводи владината делегација на отворањето на процесот во Вашингтон.
Во делегацијата ќе бидат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Ваква одлука е донесена на денешната владина седница.
Во соопштението се наведува дека стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите на повисоко ниво со САД и е од особено значајно во контекст на актуелните безбедносни закани. Во рамките на дијалогот ќе бидат опфатени теми од билатералните односи за соработка во економијата, трговијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото, како и безбедносните сегменти од соработката, од миграција, борба против тероризам, па се до справување со организираниот и меѓународен криминал.
„Дијалогот ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, соработката на двете земји како НАТО партнери, аспирациите на Северна Македонија за зачленување на ЕУ, претстојното претседавање на земјава со ОБСЕ, нашите заложби во рамки на Самитот за демократија на претседателот Бајден и други теми од интерес“,
се вели во соопштението.