Новинарката беше повикана по објавен текст бидејќи државната службеничка пријавила дека се почувствувала вознемирено и, иако од полиција ѝ рекле дека тоа што таа го бара од полицијата е надлежност на граѓанска постапка, сепак инсистирала да биде повикана. Случајот остро го осудија новинарските здруженија порачувајќи дека ова може да поттикне цензура и автоцензура кај новинарите, како и дека полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена
И Министерството за правда најави дека ќе го испитува случајот со повикувањето на новинарката Соња Колевска-Делевска од „Сакам да кажам“ во полиција за објавен текст.
Станува збор за текст објавен под наслов „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила била уценета да се откаже од парите што ѝ следуваат“.
Раководителката – државна службеничка, пријавила дека се почувствувала вознемирена по нејзините здравје и углед, по што новинарката Колевска-Делевска на домашна адреса добила покана да отиде на службен разговор во полициската станица Беко.
„Министерството за правда ќе ја преиспита постапката на раководителката и ќе преземе сè што е во рамките на надлежностите и ингеренциите, а во најкус можен рок и ќе се произјасни. Министерството за правда ќе направи се за да ги заштити слободата на изразување и на говор кои се неприкосновени права во секое демократско општество“,
соопштија денеска од Министерството за правда откако вчера „Сакам да кажам“ објави дека нивната новинарка била повикана во полиција.
Вчера и од Министерството за внатрешни работи соопштија дека внатрешна контрола го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со случајот.
„Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР ниту пак таков поднесок ќе има. МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина“,
рекоа од МВР.
Во разговорот во полиција вчера, како што објави медиумот, службеното лице ѝ објаснило на новинарката дека на пријавителката ѝ било укажано оти она што таа го бара од полицијата е надлежност на граѓанска постапка. Пријавителката, иако е од Министерството за правда, инсистирала Делевска да биде повикана во полиција, а во станицата Беко прифатиле, оти како што им кажале, морале да постапат по секоја пријава од граѓанин.
За овој случај остро реагираа и новинарските здруженија.
„Полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена, а слободата на изразување казнувана. Бараме, експресно расветлување на случајот, брзи одговори и јавно извинување бидејќи ваквата полициска постапка длабоко задира и во инаку кревката сигурност на новинарите во земјата, а ги спори и макотрпните заложби на новинарските организации за заштита на новинарската професија, безбедноста на медиумските работници и слободата на говорот како фундамент на нашето демократско општество“,
рекоа од Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Ваквиот чин, нагласија оттаму, би можел да создаде пракса на барање на суетни административци на полициски распит да се повикуваат новинари за објавени текстови, што е неприфатливо.
И од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) предупредија дека повикувањето новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура.
„Овој случај со колешката Делевска може негативно да се одрази на слободата на јавното информирање и говор. Предупредуваме дека доколку ова стане пракса може сериозно да ги ограничи новинарите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес и истовремено да ги обесхрабри тие да работат на теми кои се поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Затоа бараме од МВР да спроведе итна внатрешна истрага за овој случај“,
реагираа од ЗНМ.