Преку ваквото намалување на непродуктивните трошоци и заштедите, велат од СДСМ, ќе се ослободат средства што ќе бидат наменети за финансирање нови мерки за граѓаните и компаниите за надминување на последиците од светската економска криза
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат најавеното кратење на трошењата е од историски највисокиот буџет во 2022 година, кој како основа го зема буџетот во 2021 година
Власта предводена од Социјалдемократскиот сојуз најави кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци што ќе се направи преку претстојниот ребаланс на Буџетот за 2022 година.
Преку ваквото намалување на непродуктивните трошоци и заштедите, велат од СДСМ, ќе се ослободат средства кои ќе бидат наменети за финансирање нови мерки за граѓаните и компаниите за надминување на последиците од светската економска криза.
„Веќе се реализира пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите“,
стои во соопштението од СДСМ.
Оттаму велат дека владините мерки за намалување на ДДВ на нула отсто за основните прехранбени продукти, намалената акциза за горивата, субвенционирањето на сметки за електрична енергија влијаеле на, како што велат, сериозно намалување на трошоците на семејствата на месечно ниво.
Во меѓувреме, кратењето на непродуктивните трошоци од Буџетот кои ги најави власта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како манипулирање на јавноста и додаваат дека актуелната влада не работи домаќински и во интерес на граѓаните.
„Да потсетиме, буџетот се носеше во декември 2021 година среде енергетска криза и разгорена инфлација. Опозицијата тогаш јасно укажуваше дека буџетот е расипнички и нереален, со непродуктивни трошења. И сега, најавеното кратење на овие средства е јасно признание на власта дека ниту размислувала, ниту креирала навремени мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, туку планирала средства во буџетот за непродуктивни трошења, односно за корупција и криминали. Мерките за кои се фали оваа погубна Владата дојдоа по реакциите на јавноста и опозицијата дека ништо не се презема во справувањето со енергетската криза и високата инфлација“,
стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, додаваат од партијата, најавеното кратење на трошењата е од историски највисокиот буџет во 2022 година, кој како основа го зема буџетот во 2021 година.
„Така, во 2021 година тековните расходи достигнаа рекордно ниво од 3,8 милијарди евра, а трошоците за стоки и услуги историски рекорд од 327 милиони евра или беа повисоки за 30 отсто во однос на 2020 година“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.