Според последните изјави, за денеска се очекува средба на Синдикатот со Министерството за труд и социјална политика, додека исто така течат преговорите и со Министерството за образование и наука. По последната средба, синдикалниот лидер рече дека неделава би требало да се реши прашањето. Дали ќе има договор или повторно ќе се активира штрајкот, како што рече минатата недела, сè уште не може да потврди
Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) треба да седне на нова рунда преговори. Како што најавија минатата недела од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), за денеска (17 мај) е договорена нова средба на претставниците на Министерството и на Синдикатот.
На минатиот состанок, како што соопштија од МТСП, се разговарало за барањата кои беа дел од одлуката за штрајк на вработените во градинките, како и за исплатата на платите за периодот кога се штрајкуваше.
За денеска, според најавите, ќе се продолжи со дијалогот за да се најде решение кое ќе биде во рамки на законските прописи.
Една од темите за кои разговараат двете страни е и нов колективен договор за вработените во предучилишните установи за кои актуелниот истекува во јуни.
СОНК води преговори и со Министерството за образование и наука (МОН), со кое последната средба беше минатиот петок (13 мај). Тогаш претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков, изјави дека генерално е постигнато усогласување на некои ставови, но оти сè уште не може да вети дека ќе се постигне финален договор.
Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, рече тој, тоа ќе зависи од резултати од преговорите односно од препораките кои ќе ги напише посредувачот кој беше одреден за мирно решавање на спорот. Како што најави Неделков, прашањето со преговорите и дали би имало решение мора да се заврши во текот на оваа недела.