Во случај повторно Бугарија да ја блокира Северна Македонија во јуни, Османи вели дека во тој случај ќе треба да се разговара за следните чекори
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на првата седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан. Османи порачал дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.
За прв пат денеска шесте министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан беа поканети да бидат дел од редовниот формален Совет за надворешни на министрите на ЕУ. Тема на средбата беше војната во Украина, нејзините последици и влијанието на Русија во регионот.
Министерот Османи, за МИА изјави дека пред неговите колеги од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од овој конфликт во регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Северна Македонија. За македонската страна на потег е Бугарија, Северна Македонија исполни сѐ што беше побарано од неа.
„Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот,
изјави Османи, потенцирајќи дека во овој момент нема договор меѓу двете страни којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор, туку дека се разгледуваат начини да се вклопат различните пристапи во сеопфатно решение.
Во случај повторно Бугарија да ја блокира Северна Македонија во јуни, Османи вели дека во тој случај ќе треба да се разговара за следните чекори.
„Тоа што ќе изгуби најмногу ќе биде политичкиот момент, бидејќи се помалку гледам политички капитал во двете држави којшто може да се фокусира со цел да се постигне решение помеѓу двете држави, а со тоа и за европската перспектива на регионот. Се надевам дека нашите бугарски партнери ќе го препознаат тој момент којшто е сега, а што понатаму, ќе треба да седнеме и да видиме“,
рече министерот.
Како што пренесува МИА, на денешниот состанок станало збор и за предлогот за Европската политичка заедница на францускиот претседател, Емануел Макрон. Земјите од Западен Балкан добиле уверување дека овој предлог не значи алтернатива за полноправно членство во ЕУ, но без повеќе детали. Деталите од овој план Макрон се очекува да ги сподели прво со неговите колеги, лидери на ЕУ, на претстојниот самит на ЕУ на крајот на мај.