По завршувањето на манифестацијата и прогласувањето на Украина за победник на годинашниот Евросонг, претседателот Володомир Зеленски се огласи на „Фејсбук“ честитајќи ја победата и напиша дека ќе дадат се од себе следната година да бидат домаќини во слобода и мир.
„Нашата храброст го импресионира светот, нашата музика ја освојува Европа! Следната година Украина ќе биде домаќин на Евровизија! По трет пат во својата историја. И верувам – не е последен. Ќе дадеме се од себе да бидеме домаќини на учесниците и гостите на Евровизија во украински Мариупол. Ослободен, мирен, повторно изграден! Ви благодариме што победивте со оркестарот Калуш и на сите што гласаа за нас! Сигурен сум дека нашиот победнички акорд во битката со непријателот не е далеку“
напиша Зеленски.
Во текот на гласањето на врвот на листата беше Обединетото Кралство, но на крајот од манифестацијата, со гласовите од публиката Украина освои најмногу поени и изби на првото место.
Победничката песна „Стефанија“ е составена од микс од рап стихови со фолк и хип хоп ритам и се базира на вистинските животни приказни, на украинските мајки, а бендот Калуш со своето учество на натпреварот го претставуваше лицето и гласот на нацијата која минува низ тешки и трогателни времиња.
Годинава финалето се одржа без Русија. Европската радиодифузна унија (ЕБУ) уште во февруари објави дека ниту еден руски изведувач не може да настапи на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, а истото важи и за блискиот сојузник на Русија, Белорусија.