Заклучно со 11 мај, УНХЦР регистрира вкупно 6 029 705 украински бегалци кои ја напуштиле земјата. Освен бегалците кои побегнале надвор од Украина, осум милиони Украинци се внатрешно раселени поради воениот конфликт, соопшти УНХЦР
Повеќе од шест милиони луѓе ја напуштиле Украина откако Русија ја започна инвазијата на 24 февруари, велат податоците објавени од Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР).
Заклучно со 11 мај, УНХЦР регистрира вкупно 6 029 705 украински бегалци.
Оние што побегнале од завојуваната Украина, главно заминале во соседните земји, а најголем број бегалци се во Полска, или вкупно 3 272 943 лица. Во Романија се засолниле вкупно 895 828 бегалци, а 785 348 заминале во Руската Федерација. Најмал дел од бегалците, или само 27 308 од нив, засолниште нашле во Белорусија.
Освен бегалците кои побегнале надвор од земјата, осум милиони Украинци се внатрешно раселени поради воениот конфликт, соопшти УНХЦР.
Најголем дел од украинските бегалци земјата ја напуштиле на почетокот на инвазијата. Во март дури 3,4 милиони луѓе ја напуштиле земјата, додека околу половина милион луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на мај.
Украинските власти на почетокот на војната им забранија на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата во обид да ја зајакнат воената, цивилната и другата одбрана во земјата.