По последната средба на СОНК и МОН, која се одржа во средата, Синдикатот соопшти оти на средбата закажана за денеска очекува да се постигне конечно усогласување на ставовите по однос на прашањето за процентот на зголемување на платите во образовниот сектор, како и за колективните договори за основно и средно образование и временска рамка за изработка, потпишување и нивна примена
По средбата пред два дена, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование (МОН) денеска попладне треба да имаат нова преговарачка средба на која ќе се разговара за процентот на зголемување на платите на вработените во образовниот сектор.
По последната средба на СОНК и МОН, која се одржа во средата, Синдикатот соопшти оти на средбата закажана за денеска очекува да се постигне конечно усогласување на ставовите за ова прашање, како и за колективните договори за основно и средно образование и временска рамка за изработка, потпишување и нивна примена.
Нова средба на СОНК и Министерството за труд и социјална политика за отворените прашања во дејноста детска заштита, пак, е договорена за 17 мај откако на вчерашната средба двете страни разговарале за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со јуни.
По вчерашната средба со СОНК, МТСП информира дека било разговарано и за барањата кои се дел од одлуката за штрајк на вработените во градинките и прашањето за платите на вработените за време на штрајк.
Преговарачките средби на Синдикатот со двете министерства се одржуваат во рамки на дополнителниот десетдневен рок за помирување, откако во неделата истече периодот од првите десет дена за мирно решавање на спорот со медијатор.
За потсетување, генералниот штрајк во училиштата и градинките во земјава кој почна на 11 април, беше ставен во мирување на 28 април кога СОНК беше известен од МТСП за законската одредба од најмногу 20 дена за помирување со посредство на помирувач.
Лидерот на СОНК, Јаким Неделков, тогаш соопшти дека штрајкот ќе биде повторно активиран доколку не ги усогласат ставовите со со ресорните министерства по однос на нивните барања.
Синдикатот го организираше штрајкот со барање платите во образовниот и секторот за детска заштита веднаш да се зголемат за 18,4 проценти, односно да се усогласат со порастот на минималната плата и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Покрај процент за зголемување на платите, на преговарачката маса се и колективните договори во дејностите што ги покрива Синдикатот.
СОНК најпрво категорично го одби 10-процентното зголемување на платите на вработените во градинките и во образовните установи, а членството на Синдикатот не ги прифати ни 12 проценти покачување што ги понуди Владата.