Досегашната економска соработка помеѓу двете земји не е на завидно ниво, а професорот Андонов кој е назначен за почесен конзул најавува дека се работи на нејзино подобрување за што во тек е и потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете стопански комори

Грузија денеска отвори Почесен конзулат во Скопје, а со него ќе раководи деканот на Факултетот за правни науки при Универзитетот „Американ колеџ“, професорот Марко Андонов.
Отворањето на конзулатот следува откако Скопје и Тбилиси воспоставија дипломатски односи во 2019 година, и се очекува тој да даде нов импулс во продлабочувањето на соработката помеѓу двете држави и народи. На настанот за отворањето присуствуваа деловната и академската заедница, претставници на МНР и дипломатскиот кор, како и државјани на Грузија кои живеат и работат во земјава, а обраќања имаа почесниот конзул Андонов и амбасадорката на Грузија за Северна Македонија, Тамара Лилуашвили.
„Идејата е да се продлабочуваат односите во сите сфери од живеењето, прво да се биде сервис, поддршка на грузиските граѓани кои живеат и работат во Македонија, а воедно, ќе биде и можност за воспоставување релации на сите заинтересирани од кој било сектор од општественото живеење, како културата, образованието, деловната сфера итн. Веќе почнавме во изминатите неколку месеци со проекти, особено во доменот на високо образование, каде што веќе се потпишаа и одредени меморандуми за соработка“,
истакна професорот Андонов.
Според статистиката на Стопанската комора, економската соработка помеѓу двете држави за жал, не е на завидно ниво, вели почесниот конзул, а тоа, според него, се должи на досегашното немање дипломатски односи и релации помеѓу бизнисмените, па затоа најави дека тоа е уште еден аспект на кој ќе работат.
„Во тек е потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете стопански комори на Грузија и на Македонија, со цел да се продлабочи соработката и во тој домен. Се надеваме дека и тука ќе се покажат соодветни резултати во иднина“,
посочува Андонов, кој најголем потенцијал за соработка гледа во областите на туризмот и земјоделството.
Амбасадорката Лилуашвили истакна дека двете нации се толку блиски, а толку далечни една од друга, бидејќи имаат многу сличности. Преку воспоставување на туристички тури ќе се обидат да се овозможат посети од двете земји за меѓусебно запознавање со убавините на секоја од нив. Северна Македонија неодамна стана членка на НАТО, а со оглед дека Грузија сака да стане членка на Алијансата, вели таа, имаме многу да научиме едни од други, да споделиме искуства. Тоа се однесува и за интеграцијата во ЕУ.
„Одблиску ја следиме интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, бидејќи таа е голем пример за нас, без оглед дали вратите се отворени или не. Се надеваме дека вратите ќе останат отворени и дека наскоро сите прашања ќе бидат решени и ќе ја видиме Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ, а набрзо потоа и Грузија. Во актуелната ситуација со руската агресија, не само за Украина, туку важно е и малите нации да се држат заедно, да си помагаат во пристапувањето во членство во големото семејство, големите алијанси, да работат заедно за иднината на своите семејства, да живеат во мир“,
вели Лилуашвили.
И амбасадорката се согласува дека билатералната соработка, особено во економијата и трговската размена, е незначителна, но вели дека и таа гледа многу можности за нејзин раст.
„Се надевам дека Северна Македонија ќе ја искористи оваа можност. Меѓу можностите се и соработка на грузиски и македонски производители на вино за заеднички настап на големи странски пазари како што е Кина со која Грузија има договор за слободна трговија, а исто така и со Јужна Кореја, Индија, земји до кои сме поблиску“,
оценува Лилуашвили.
Грузиската заедница во земјава е мала и брои дваесетина членови кои живеат и работат во земјава.