Заменик-шефот на бугарската дипломатија Васил Георгиев посочи оти Бугарија ја поддржува интеграцијата и на Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија, но за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ од земјава бара конкретни чекори и гаранции, особено, како што вели, во полето на Договорот за добрососедски односи од 2017 година

Подготвени сме да се согласиме за одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија тогаш кога ќе видиме конкретни чекори и гаранции од Владата на Република Северна Македонија, дека прашањата не се одложуваат туку се решаваат.
Ова денеска го изјави заменик-шефот на бугарската дипломатија Васил Георгиев по трилатерална средба во Атина, на која учествуваше заедно со неговата колешка од Романија, Даниела Григоре Гитман и домаќинот, заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, јави дописничката на МИА од Атина.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со ветото на Бугарија за европската перспектива на Северна Македонија, Георгиев се осврна на зборот „вето“ велејќи дека сака да разјасни оти Софија не се согласи за датум за првата меѓувладина конференција на која ќе биде одобрена преговарачката рамка.
Георгиев посочи оти Бугарија ја поддржува интеграцијата и на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ, но од земјава бара конкретни чекори и гаранции, особено, како што вели, во полето на Договорот за добрососедски односи од 2017 година.
„Има некои чекори што треба да се преземат од Владата на Република Северна Македонија, особено на полето на исполнување на нивните обврски, согласно нашиот Договор за добрососедски односи од 2017 година. Би сакале некои конкретни чекори и да видиме некои гаранции дека прашањата меѓу нашите две соседни земји нема да бидат одложени, туку се обидуваат да се решат. Кога ќе видиме конкретни чекори и гаранции, подготвени сме да се согласиме за првата меѓувладина конференција“,
рече Георгиев.
Поддршка за европерспективата на земјите од Западниот Балкан во своите обраќање изразија и Варвициотис и Григоре Гитман.
Војната во Украина, енергетската криза, Западен Балкан и неговата европска перспектива, мигрантското прашање, ситуацијата во источниот Медитеран и односите со Турција, беа темите за кои разговараа Варвициотис, Велинов и Григоре Гитман на нивната денешна трилатерална средба во Атина.