Станува збор за дел од интервју на бугарскиот премиер дадено за романската телевизија „Диги 24“, кој, ако се види во оригинал, сепак, не содржи толку експлицитна порака од Петков, како што се пренесува
Дел од медиумите во земјава денеска пренесуваат дека бугарскиот премиер Кирил Петков изјавил оти решил дека идната на Северна Македонија и на Албанија мора да биде во ЕУ и дека ако поради тоа падне владата во Бугарија, тоа не е негова вина. Соодветно, медиумите заклучуваат дека ова е најава за можно тргање на блокадата од Софија за Скопје.
Станува збор за дел од интервју на Петков дадено за романската телевизија „Диги 24“, кој, ако се види во оригинал, сепак, не содржи толку експлицитна порака од бугарскиот премиер, како што се пренесува.
Во продолжение – прашањето од новинарката и одговорот на бугарскиот премиер (видео и текстуално):
„Диги 24“: Вашата влада направи чекор напред во ситуацијата со Северна Македонија, бидејќи Бугарија две години ја блокираше оваа земја за почеток на преговорите со ЕУ и вие направивте компромис со владата во Скопје. Дали овој компромис е долгорочен или нешто може да се промени ако „исчезне“ вашата влада?
Петков: „Не можам да бидам одговорен за ништо ако мојата влада „исчезне“. Ако мојата влада опстане, а на тоа работам секојдневно, решени сме дека ЕУ-иднината на Северна Македонија и на Албанија е таму, треба да биде таму. Тоа е добро за регионот. Секако, има работи кои сè уште треба да се направат и треба да работиме напорно за да го постигнеме. Ги знаеме пречките и проблемите што треба да се решат, сега само треба да се решат. Освен за тоа, јас не можам да бидам одговорен за друго во иднина.“