Северна Македонија ја има поддршката од европските партнери кои сметаат дека мора веднаш да ги започнеме преговорите, а Владата секако го продолжува дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање достоинствено и европско решение кое ќе го крене ветото, порачаа денеска од Владата
Владата го оценува предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон како одлична можност за поврзување на ЕУ со земјите како Украина, Молдавија и Грузија за да не се чека тие да ги исполнат критериумите да станат земји кандидатки и да влезат во преговори со ЕУ. Што се однесува до Северна Македонија, од Владата порачаа дека ние ја имаме целосната поддршка за почнување на преговори.
„Предлогот на францускиот претседател го сметаме за одлична можност за обединување на земјите кои не успеале да влезат во блокот или не сакале во одреден момент со оглед на новонастаната геополитичка ситуација. Овој предлог е поттикнат од потребата да се даде еден вид заштита, европска перспектива и можности за поврзување и соработка на Украина, Молдавија и Грузија со Унијата без притоа да чекаат да се исполнат сите критериуми кои се потребни за земјите-кандидатки за членство. Северна Македонија ја има поддршката од европските партнери кои сметаат дека мора веднаш да ги започнеме преговорите, а Владата секако го продолжува дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање достоинствено и европско решение кое ќе го крене ветото и ќе го даде долгоочекуваниот датум за отпочнување на преговорите со Унијата“,
изјави денеска портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
Идејата за Европска политичка заедница Макрон ја кажа во неговиот говор на 9 Мај – Денот на Европа. Оваа организација, според него, ќе ѝ овозможи на Украина и други земји кои не се во ЕУ да имаат поблиски односи со Унијата, а тука тој ја спомена и Велика Британија која излезе од блокот.
Од Европската комисија (ЕК) вчера не го коментираа предлогот на Емануел Макрон со оглед дека не е финализиран. Меѓутоа, процесот на проширување на ЕУ, порачаа од ЕК, останува.
„Слушнавме вчера, но тој самиот рече дека ќе го презентира предлогот со повеќе детали пред неговите колеги во Европскиот Совет, ќе чекаме да видиме што има а ум, но што се однесува до нас имаме европски процес на зачленување кој е во тек со одреден број земји и ништо не се менува што се однесува до овие процеси“,
изјави Ерик Мамер, портпарол на Европската kомисија.
Photo: EPA-EFE/Christophe Petit Tesson