Финските власти најавија дека одлуката за приклучување во Алијансата се очекува да биде донесена во блиска иднина. Владејачката Социјалдемократска партија (САП) во Шведска, пак, се очекува в недела да го соопшти својот став за потенцијалната апликација на државата за членство

Повеќе од три четвртини од луѓето во Финска поддржуваат пристапување на нивната земја во НАТО, покажа новото истражување, што, според локалните медиуми се должи на руската инвазија на Украина.
Поддршката за членството во НАТО претходно беше стабилна на 20 до 30 отсто, но во последните месеци се зголеми како во Финска, така и во соседна Шведска – две држави кои досега беа воено неутрални.
Последната анкета, нарачана од радиодифузерот YLE и спроведена од истражувачката компанија „Талоустуткимус“, покажува дека околу 76 отсто од Финците сега сакаат земјата да се приклучи на НАТО. Во март поддршката за членство во Алијансата беше околу 60 отсто.
Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството е – „за“, без разлика на партиската припадност.
Посебна анкета минатата недела покажа дека повеќето пратеници се за членство во НАТО – 121 од 200 пратеници „за“, а само 10 „против“.
Финската премиерка Сана Марин пред три дена најави дека одлуката за приклучување на Финска во Алијансата се очекува да биде донесена во блиска иднина.
Владејачката Социјалдемократска партија (САП) во Шведска, пак, в недела ќе го соопшти својот став за потенцијалната апликација на државата за членство во НАТО, најави денеска генералниот секретар на партијата, Тобијас Баудин.
Од Алијансата веќе порачаа дека постои широка поддршка за добредојде на овие земји во НАТО, но нагласија нивното членство треба да биде ратификувано од парламентите на сите 30 сегашни земји-членки.