Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок истакна дека Европската Унија никогаш повеќе не треба да дава празни ветувања и неопходно е конечно да се отворат претпристапните преговори со Северна Македонија и Албанија
Германската државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман, пак, изјави дека во однос на европската перспектива на земјите од Западниот Балкан, постојат многу јасни правила во процесот на пристапување. Значи, како што додаве, ако се спроведат реформи, тогаш овие земји ќе бидат чекор поблиску до ЕУ
По повод 9 Мај – Денот на Европа, Берлин излезе со јасна порака за брз почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Пораките беа упатени од страна на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок и државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман.
„Европската Унија никогаш повеќе не треба да дава празни ветувања и неопходно е конечно да се отворат претпристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“,
изјави Бербок.
Германската државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман, пак, изјави дека во однос на европската перспектива на Западниот Балкан, ЕУ мора сега да направи значителен напредок со отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, што е можно побрзо.
„За мене е јасно дека мораме да го исполниме нашето ветување. Постојат многу јасни правила во процесот на пристапување. Значи ако се спроведат реформи, тогаш овие земји ќе бидат чекор поблиску до ЕУ“,
изјави Лирман во интервју за Еурактив.
Во врска со концептот на Европа со повеќе брзини, Лирман вели дека постои можност за побрза интеграција на државите кои се подготвени, но дека поради војната во Украина сега не е време а се носат такви фундсаментални одлуки.
„Сега во актуелната сеопфатна криза, фоскусот на сојузната Влада е најпрво да ги држи сите заедно и да бидеме што е можно пообединети, посебно во поглед на големите прашања“,
нагласи Лирман.
Таа додаде и дека пред земјите од Западен Балкан да станат членки, ЕУ мора да почне со институционални реформи, додавајќи дека Европската Унија мора да си ја заврши домашната задача и институционално да се подготви за да може да функционира со 33 или повеќе земји.
Проширување на ЕУ, оцени Лирман, е тесно поврзано со способноста на Унијата да дејствува и во таа смисла е важно да има помала можност за вето во надворешната политика.
„Она што за нас како сојузна Влада е важно да постојат помалку вето опции во надворешната политика за да бидеме поспособни за дејствување. За тоа веќе има можност во постоечката рамка на договорот и сега би требало заедно да разговараме како европските институции тоа најдобро да го постигнат“,
рече Лирман.
Германската државна министерка меѓу другото, изјави дека ЕУ на руската агресија реагирала пообединето и поодлучно од кога и да е и оти покажала дека постои силна основа за преговори за напуштање на принципот на едногласност во одлучувањето во надворешно-политичките прашања.
„Сметам дека земјите-членки се повеќе сфаќаат дека навистина мораме да заземеме одлучен заеднички став во овој променлив геополитички контекст. Затоа сметам дека дебатата за тоа прашање е секако возможна“,
додаде Лирман.
