Позитивниот скок на Северна Македонија од 90. на 57. место, според индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, премиерот Ковачевски го оцени како рангирање кое нашата држава ја позиционира меѓу најдобро оценетите во регионот
Оваа година Светскиот ден на слободата на медиумите го одбележуваме како земја која постигнала исклучителен напредок на листата на „Репортери без граници“, порача на својот фејсбук-профил првиот човек на Владата, премиерот Димитар Ковачевски во врска со најновото рангирање на земјите во светот според Глобалниот индекс за слобода на медиумите за 2022 година на „Репортери без граници“.
„Според индексот за слобода на печатот, кој е објавен во извештајот за 2022 година, Северна Македонија бележи скок од 33 места, односно од 90 на 57 место. Ова ново рангирање ја позиционира нашата држава меѓу најдобро оценетите во регионот“,
напиша на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.
Тој во фејсбук-објавата им изразува благодарност на новинарите и медиумските работници, за како што вели, нивната посветена работа, порачувајќи им да продолжат професионално да ја работат својата работа.
„Не така одамна бевме сведоци дека загрозената слобода на медиумите е прв чекор кон автократско владеење и сите негативни последици на ваквото управување. Владата на СДСМ во изминатите пет години покажа исклучителен демократски капацитет и почит кон медиумите и медиумските работници негувајќи ја слободата на изразување како клучно право и вредност во општеството“,
истакнува премиерот Ковачевски во објавата.
Според глобалниот индекс за слобода на медиумите за 2022 година на „Репортери без граници“, Северна Македонија бележи позитивен скок од 33 места. Годинава земјава се наоѓа на 57. место во споредба со лани кога го зазеде 90. место.
Според годинешното рангирање, Северна Македонија е во групата земји со проблематична ситуација во која сè уште 68 други држави од вкупно 180.