За медиумскиот пејзаж во земјава се наведува дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, нагласуваат од „Репортери без граници“, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои објавуваат плагијат и „копи-пејст“ содржини
Од регионот, подобро од нас се рангирани Хрватска и Словенија, додека најлош пласман имаат Бугарија и Грција
Северна Македонија бележи скок од 33 места на глобалниот индекс за слободата на медиумите за 2022 година на „Репортери без граници“. Годинава земјава се наоѓа на 57. место во споредба со лани кога го зазеде 90. место.
Од „Репортери без граници“ нагласуваат дека годинава е користена нова методологија со која слободата на медиумите се дефинира како „ефикасна можност за новинарите, како поединци и како групи, да избираат, произведуваат и шират вести и информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и социјални мешања, како и без закани за нивната физичка и ментална безбедност“.
За да се одрази сложеноста на слободата на медиумите, во новата методологија се користат пет нови индикатори: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социо-културен контекст и безбедност.
Според годинешното рангирање, Северна Македонија е во групата земји со проблематична ситуација во која сè уште 68 други држави од вкупно 180.
Што пишува во резимето за Северна Македонија
За медиумскиот пејзаж во земјава се наведува дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога.
„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои објавуваат плагијат и ’копи-пејст‘ содржини“,
се нагласува во извештајот на „Репортери без граници“.
Исто така, се додава и дека постои голем јаз помеѓу употребата на медиумот и довербата во него, па така се нотира оти најгледаните ТВ-станици имаат низок индекс на доверба.
За политичкиот контекст се нагласува дека целокупната средина останува поволна за медиумите и се дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е проблематично слава.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложни на притисок о страна на властите, политичарите и бизнисмените. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“,
пишува во извештајот.
Кога станува збор за правната рамка, пак, во резимето на „Репортери без граници“, се нагласува дека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, но и дека Северна Македонија заостанува во однос на усогласувањето на законодавството за медиумите со стандардите на ЕУ каде сака да биде земја-членка.
„Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клеветата поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми. Етичката рамка е составена од Кодекс на однесување и саморегулација, кои поттикнуваат добри новинарски практики, иако имплементацијата е слаба“,
забележуваат „Репортери без граници“.
За економскиот контекст на медиумската слобода се нагласува дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ куќи се изложени на економски притисоци од сопствениците. За државното финансирање пишува дека е ограничено и нетранспарентно, а независните медиумите во голема мера се потпираат на донатори.
„Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиуми, постојат влијанија“,
пишува во извештајот.
Кога станува збор за социо-кулутирниот контекст се забележува проблем со ширењето дезинформации и закани преку социјалните мрежи.
„Иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободата на новинарството, социјалните мрежи и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и киберзакани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинарите врз основа на полова, етничка или верска припадност“,
се констатира во извештајот.
За безбедноста на медиумските работници се забележува дека изминатата 2021 година била релативно мирна, но и дека новинарите редовно се мета на вербални напади.
„Под избор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и гонење. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Се подготвуваат и законски амандмани за подобра заштита на новинарите“,
пишува во извештајот.
Како се рангирани земјите од регионот
Од земјите во регионот подобри рангирани од нас се само Хрватска и Словенија. Хрватска е единствената од опкружувањето што се наоѓа во категоријата држави каде ситуацијата е оценета како „задоволувачка“. Таа е на 48. место што во споредба со лани е напредок од 8 места.
Словенија, пак, е на 54. место и годинава бележи пад од ланското 36. место.
Косово, пак, бележи напредок од 78. на 61. место. Две места после Косово (на 63.) се наоѓа Црна Гора која бележи најголем напредок од регионот со оглед дека лани се наоѓаше на 104. место.
Босна и Херцеговина се наоѓа на 67. место што е пад од минатогодишното 58. место.
Србија лани беше на 93., а годинава се искачи на 79. место.
Бугарија и Грција се најлошо рангирани од регионот. Бугарија е на 91. место, а во споредба со лани тоа е напредок со оглед дека тогаш беше на 112. Грција пак, бележи пад од 70. на 108. место на кое се наоѓа годинава.
Во светски рамки, најдобро рангирана е Норвешка, а по неа следуваат: Данска, Шведска, Естонија и Финска.
На дното на листата, пак, се Северна Кореја, Еритреја, Иран, Туркменистан и Мјанмар.