На средбата со претседателот на украинското собрание, Руслан Стефанчук, како што пренесе собраниската прес-служба, Џафери истакнал оти Северна Македонија безрезервно се приклучи кон сите рестриктивни мерки преземени од меѓународната заедница кон Руската Федерација и тоа ќе продолжи и понатаму да го прави

Република Северна Македонија се приклучи кон иницијативата на членките на НАТО и на Европската Унија за финансиска и воена помош на Украина, а секако ќе приклучиме и кон намерите за обнова на Украина, по завршувањето на оваа бесмислена војна.
Ова е дел од обраќањето на претседателот на Собранието Талат Џафери за време на средбата со својот украински колега, претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук, пренесе собраниската прес-служба.
„Денеска имавме можност на самото место да ги гледаме и да ги видиме злоделата што ги направила Руската федерација на почвата на Украина кон украинските граѓани, и затоа по оваа денешна посета и лично и институционално ќе бидеме ангажирани тие злодела да добијат соодветно име, а никакво друго име освен геноцидни дела“,
рекол Џафери на средбата со Стефанчук за време на посетата во Украина.

На средбата со Стефанчук, како што пренесе собраниската прес-служба, Џафери истакнал оти Северна Македонија безрезервно се приклучи кон сите рестриктивни мерки преземени од меѓународната заедница кон Руската Федерација и тоа ќе продолжи и понатаму да го прави.
„Денеска сум тука за да им изразам лична и институционална поддршка на Врховната Рада и на пратениците на Врховната Рада, поддршка на граѓаните на Република Северна Македонија на Украина и на украинскиот народ“,
рекол Џафери додавајќи „да живее Украина, да живее украинскиот народ“.
Претседателот на Собранието Талат Џафери од вчера е во посета на Украина, на покана на претседателот на Собранието на Украина, Руслан Стефанчук, каде што, како што соопштија од собраниската прес-служба, допатувал со воз преку Полска вчера изутрина.
Џафери вчера ги посетил градот Ирипин и пистата на Хостомел, кои се разурнати од воените дејствија, по што заедно со другите претседатели на парламенти дадоа заеднички изјава, каде што истакна оти лично ќе се залага сликите во Украина да го добијат вистинското име што им следува, а тоа е геноцид.
Вчера Џафери имаше и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, каде што истакна оти, и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот, е занемен и бесен на човештвото кое, како што истакнал, дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата.