Покрај обвинителството, жалба најави и одбраната на Сашо Мијалков. Адвокат, Звонко Давидовиќ, вели дека неговиот клиент како наводен помагач добил поголема казна од тие што го сториле делото перење пари
По изрекувањето на денешната пресуда за „Плацови на Водно“ обвинителката Лиле Стефанова најави дека ќе поднесе жалби за казните за поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи смета дека истите се мали.
„За дел од казните сметам дека се правилно одмерени, но за дел ќе почекаме да ја добиеме писмено изработената пресуда и да одлучиме дали ќе поднесеме жалба, ова особено го мислам за казните изречени за Никола Груевски и Сашо Мијалков. Барам поголеми, сметам дека за Груевски за кривично дело за кое е предвидена казна од 1 до 10 години, казната од 5 е ниско определена. Но, за тоа ќе се произнесеме откако ќе ја добиеме писмената пресуда“,
рече Стефанова.
Груевски, кој Основниот кривичен суд Скопје го прогласи за виновен, за делото перење пари доби 5 години затвор, а за противправно стекнување и прекривање имот 3 години кои судот ги одмери во единствена затворска казна затвор од 7 години. Мијалков, пак, обвинет за помагање во перењето пари доби 1 година и три месеци затвор.
Покрај најавата за жалбите, Стефанова кажа дека е задоволна бидејќи се докажала тезата на обвинителството.
„Со денес донесената пресуда во целост се потврди тезата на Обвинителството дека обвинетиот Никола Груевски и останатите обвинети го сториле кривичното дело перење пари, а Груевски го сторил и делото противправно стекнување и прикривање имот. Во однос на Груевски се покажа дека додека бил премиер дејствувал коруптивно, стекнувал имот чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист, а исто така во целост се докажа дека во 2012 преку фирми, офшор компании со сложена шема, за себе купил имот во Македонија со незаконски стекнати парични средства“,
рече обвинителката.
Таа изрази задоволство и од конфискацијата на имотот кој беше опфатен со овој судски случај, а кој, како што рече, денес има поголема пазарна вредност и тежи околу три милиони евра.
Покрај обвинителството, жалба најави и одбраната на Сашо Мијалков. Адвокат, Звонко Давидовиќ, вели дека неговиот клиент како наводен помагач добил поголема казна од тие што го сториле делото перење пари.
„Не сме задоволни и ќе ја обжалиме пресудата во законскиот рок кога ќе го добиеме писмено и ќе ја анализираме причината поради која е донесена причината. Денес судијата ги наброја причините и неколку пати згреши. Конкретно, ниту еден предмет не е правосилно завршен, па тоа што се во тек постапки не значи дека треба да биде причина за заострување на казната особено што и за други обвинети има постапки кои се во тек, но тоа ќе го расправаме пред Апелациониот суд. Она што нас не ни се допадна е што е изречена казна која е поостра од оние кои вршеле перње пари, а помагачот наводно е казнет построго од оние кои го сториле самото кривично дело“,
рече Давидовиќ.
Адвокатот нагласи и дека пред Апелација како еден од аргументите ќе им биде и тоа што за Мијалков, според нив, немало ниту еден материјален доказ и дека тој е прогласен за виновен буквално на исказ на еден сведок (Александар Ивановски – Алек Теранова) кој бил дискредитиран.
Од останатите обвинети, пак, затворска казна од една година доби бизнисменот Јордан (Орце) Камчев. Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ добија условни казни од две години затвор кои нема да се извршат ако во рок од пет години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Во случајот обвинета беше и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева, но поради застареност на обвинението за неа, таа доби ослободителна пресуда.
Фото: МИА