Финскиот парламент денеска ќе расправа за можноста да влезе во Алијансата, а дебата веќе има и во Шведска каде испитувањата на јавното мислење покажуваат сè поголема поддршка за членство од граѓаните
Русија преку билатерални дипломатски канали ги предупреди Финска и Шведска за последиците од влезот во НАТО, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Ги објавивме сите наши предупредувања, и јавно и преку билатерални канали“,
изјави Захарова за руската телевизија „Русија-24“.
Шведска и Финска, рече таа, знаат за тоа и нема да можат да се преправаат дека се изненадени.
„Информирани се за сè до што ќе доведе тоа“,
додава Захарова.
Русија и претходно предупреди дека балтичкиот регион повеќе нема да се смета за зона без нуклеарно оружје доколку Финска и Шведска се приклучат кон Северноатлантската алијанса.
Додека Русија предупредува, двете земји веќе започнаа дебати за тоа дали треба да се приклучат на парламентот.
Финскиот парламент денеска ќе расправа за предлогот за влез во НАТО, откако јавната и политичката поддршка на јавноста по прашањето драстично се зголеми поради руската инвазија на Украина.
Финската премиерка најави дека земјата „мошне наскоро“ ќе донесе одлука по прашањето.
За членство во НАТО активно се расправа и во Шведска каде се поголема е поддршката и од јавноста.
Шведската Влада ја преиспитува безбедносната политика, а владејачките социјалдемократи дебатираат дали ќе се откажат од долгогодишното спротивставување на членство во Северноатлантската алијанса.
Резултатите од најновото испитување на јавното мислење покажуваат дека 57 проценти од Швеѓаните се „за“ членство во НАТО, 21 процент од испитаниците се изјасниле „против“ а 22 отсто одбиле да одговорат.
Во март, пак, резултатите беа 51 отсто „за“, а 24 отсто „против“.
Анкетата ја изработи „Демоскоп“ на барање на шведскиот весник „Афтонбладет“, при што се испитани 1 177 луѓе во периодот од 14 до 19 април годинава.
Ден по инвазијата на Украина Русија испрати предупредување до Финска и Шведска.
Пред неколку дена Москва го предупреди НАТО дека доколку Финска и Шведска се приклучат кон Алијансата ќе следува нивен одговор на Балтикот.