Вчера финската премиерка најави дека многу за скоро време ќе одлучи дали ќе поднесе барање за пристапување во Алијансата
Русија го предупреди НАТО дека доколку Финска и Шведска се приклучат кон Алијансата ќе следува нивен одговор на Балтикот.
„Не може повеќе да се зборува за статус без нуклеарно оружје на Балтикот, мора да се постигне рамнотежа. До денеска Русија нема преземено такви мерки и не ни имаше намера“,
изјави заменик-директорот на рускиот Советот за национална безбедност, Дмитриј Медведев.
Пред два дена и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупреди дека таквиот потег на двете држави нема да ѝ донесе стабилност на Европа и ја обвини Алијансата дека е алатка насочена кон конфронтација.
Финска и Шведска вчера направија голем чекор за приклучување кон НАТО откако премиерите на двете земји соопштија дека руската инвазија врз Украина го промени целиот безбедносен пејзаж на Европа и драматично го обликуваше начинот на размислување во нордиските земји.
Финската премиерка Сана Марин кажа дека нејзината земја, која дели 1 300 километри граница со Русија, ќе одлучи дали ќе поднесе барање за пристапување во Алијансата за многу брзо време, можеби за неколку недели, а не за месеци, и покрај ризикот да ја налути Москва.
„Мислам дека тоа ќе се случи наскоро. Зборуваме за недели, а не за месеци“,
рече Марин на заедничката прес-конференција со нејзината шведска колешка Магдалена Андерсон.
До неодамна мнозинството Финци не сакаа членство во НАТО, но руската инвазија на Украина ги натера на некои преиспитувања на ставовите. Најновите анкети покажуваат дека сега мнозинството дава поддршка за членството во Алијансата.