Освен во Хравтска, и словенечките власти потврдија оти околу 600 деца бегалци од Украина се запишани во основните училишта и градинките во Словенија, а во меѓувреме во земјата се прават подготовки за прифаќање на децата од сиропиталиштата од украинскиот град Луганск
Речиси илјада деца од Украина кои поради воената инвазија беа принудени да ја напуштат земјата, вклучени се во хрватските градинки, основни и средни училишта.
Од вкупно 983 украински деца кои пристигнаа во Хрватска, најмногу се основци – 838, во средните училишта се запишани 64 ученици од Украина, а во градинките има згрижено 80 деца.
Повеќето од основците се запишале во училиштата во Загреб, вкупно 116 деца распоредени во 42 училишта, додека во Сплитско-далматинскиот предел има 91 дете во 30 училишта. Најголемиот предизвик на украинските деца-бегалци во Хрватска моментално е јазикот, но, како што посочуваат директорите на неколку училишта, брзо го совладуваат, а за подобро да се интегрираат во новата средина се вклучени во голем број воннаставни активности.
Освен во Хравтска, и Словенија потврди оти во основните училишта во земјата се запишани 578 деца бегалци од Украина, а во градинките се запишани 30 деца на предучилишна возраст.
Од почетокот на руската инвазија во Украина, во Словенија влегле 18 500 Украинци, а една четвртина од нив останале во земјата. Со статус на привремена заштита се стекнале 1 225 Украинци кои влегле во Словенија, а во меѓувреме се прават подготовки за прифаќање на децата од сиропиталиштата од украинскиот град Луганск.
Владината канцеларија за мигранти објави дека има 20 сирачиња на возраст од една до седум години, а со нив ќе дојдат и 18 Украинци, нивните старатели од домот за сираци.
Како што пренесуваат словенечките медиуми, нивното пристигнување во Словенија ќе се реализира во следните десет дена.