Единствен исклучок за влез на руски бродови на територијата на Естонија и Романија ќе бидат бродовите на кои им е потребна помош и оние кои мора итно да се закотват во пристаништето од безбедносни причини или за да спасат животи

Бродовите што пловат под руско знаме отсега нема да можат да влезат во пристаништата на Балтичкото Море во соседна Естонија. Забраната за влез на бродовите под руско знаме на територијата на Естонија е во согласност со петтиот пакет санкции на ЕУ против Москва поради воената инвазија врз Украина.
Министерството за економија и инфраструктура на Естонија соопшти оти естонските пристаништа се затворени и за бродови кои го смениле знамето од руско во друго. Единствен исклучок за влез на брод под руско знаме на пристаништата на Естонија би бил доколку бродот е во неволја, а влезот би му бил одобрен со дозвола од полицијата и граничарите.
Вчера и Романија одлучи да донесе иста одлука. Според одлуката, на сите бродови регистрирани под руско знаме им е забранет влез во романските пристаништа, вклучувајќи ги и бродовите што го замениле руското знаме со знамето на која било друга земја или ја замениле регистрацијата со регистрација во која било друга земја по 24 февруари годинава – датумот кога започна воената инвазија на Русија врз Украина.
Исклучок, исто како и во Естонија, ќе бидат бродовите на кои им е потребна помош и оние кои мора итно да се закотват во пристаништето од безбедносни причини или за да спасат животи.
Покрај тоа, ограничувањата не се однесуваат на бродови кои во ЕУ превезуваат гас, нафта и нафтени деривати, титаниум, алуминиум, бакар, никел, железна руда, одредени хемиски производи, несанкционирани фармацевтски производи, храна, земјоделски производи, ѓубрива, нуклеарно гориво и опрема за нуклеарни електрани, јаглен и други фосилни горива.
Во меѓувреме и Италија донесе одлука ги затвори своите пристаништа за руските бродови, во согласност со санкциите што Европската Унија и ги воведе на Русија, а руските бродови кои се закотвени во Италија мора да ги напуштат италијанските пристаништа веднаш по завршувањето на нивните деловни активности