Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани, но очекува ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание. Вака премиерот Димитар Ковачевски ја искоментира вчерашната церемонија во Битола, каде на отворање на клуб во рамки на културниот центар „Иван Михајлов“, се појави бугарска делегација на чело со тамошниот премиер Кирил Петков. Ковачевски го прокоментира и самото име на клубот.
„Се работи за контроверзна историска личност, која во Република Северна Македонија е доживувана на различен начин од различни групи на граѓани. Сепак, бидејќи се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Во Република Северна Македонија е овозможено сите граѓани слободно да ги практикуваат своите етнички, религиски и идеолошки убедувања“,
вели Ковачевски во изјава за МИА.
Тој пристап, додава премиерот, е нешто зад кое Владата стои и ќе продолжи да го практикува и понатаму.
„Воедно и Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања“,
изјави премиерот Ковачевски за МИА.
Културниот центар „Иван Михајлов“ вчера беше главна вест, откако високи претставници на Бугарија присуствуваа на отворањето клуб во рамки на ова здружение во Битола и оттаму упатија порака за почитување на правата на Бугарите во земјава.