Во интервју за албанската телевизија „Ора њуз“, Зинграф рече дека барањето на Рама во однос на одвојување на Албанија од Северна Македонија во евроинтегративниот процес не е разумно, додавајќи оти Тирана треба да го почека Скопје, како што тоа го направи Северна Македонија во 2020 година
Северна Македонија се жртвуваше порано, сега на ред е Албанија, рече германскиот амбасадор во Тирана, Петер Зинграф, коментирајќи ја изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, кој најави оти Албанија ќе побара од Европската Унија да го продолжи процесот на пристапување во Унијата одвоено од соседна Северна Македонија, која сè уште се соочува со бугарско вето.
Во интервју за албанската телевизија „Ора њуз“, Зинграф рече дека ова барање не е разумно, додавајќи оти Тирана треба да го почека Скопје, како што тоа го направи Северна Македонија во 2020 година.
„За нас беше изненадување фактот што во овој процес се вмеша едно прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија. Во 2020 година Северна Македонија мораше да ја чека Албанија во контекст на интегративниот процес и сега имаме иста ситуација. Сите работат со одреден притисок за да се избегнат и отстранат овие пречки што стојат на патот. Француското претседателство е подготвено да ја свика првата меѓувладина конференција во краток рок. Мислам дека Македонија заслужува да се чека и да се покаже солидарност со неа“,
изјави Зинграф.
Тој потсети дека сите земји членки на ЕУ во 2021 година едногласно кажаа дека се исполнети условите што требаше да се исполнат и оти и Албанија и Северна Македонија ќе можат да ги започнат своите преговори за членство во Унијата.
Германскиот амбасадор порача и дека земјите од регионот треба да ја продолжат соработката врз основа на Берлинскиот процес, како иницијатива што донесе конкретни чекори во приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
