Логично е ако ние и понатаму продолжиме да бидеме блокирани од страна на Бугарија дека другите земји кандидати нема да сакаат својот пат кон ЕУ да го врзуваат со кој било друг, вклучително и со нас, рече Пендаровски коментирајќи го ставот на албанскиот премиер Еди Рама кој претходно истакна оти Албанија ќе побара од ЕУ одвојување од Северна Македонија на патот кон пристапните преговори со Унијата
Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави оти не гледа ништо спорно во изјавата на Еди Рама за одвојување на Албанија од Северна Македонија на патот кон пристапните преговори со Европската Унија.
Вели дека е логично ако ние и понатаму продолжиме да бидеме блокирани од страна на Бугарија другите земји кандидати да не сакаат својот пат кон ЕУ да го врзуваат со кој било друг, вклучително и со нас.
„Од аспект на албанските национални интереси, таа изјава на Рама е логична. Ние сме третирани во пакет од страна на Брисел заедно со Албанија во изминативе скоро две и пол години и не навлегувајќи во резоните на бриселската бирократска и политичка заедница зошто е тоа така, бидејќи во суштина процесот на европски интеграции е процес заснован на мерит-системот – кој заслужува индивидуално оди понатаму, кој не останува во чекална“,
рече Пендаровски коментирајќи ја изјавата на албанскиот премиер Еди Рама и додаде оти доколку и понатаму бидеме блокирани од бугарска страна – другите земји кандидати нема да сакаат својот пат кон европските интеграции да ги врзуваат со кој било друг, вклучително и со нас.
Во своето обраќање Пендаровски истакна оти ако сака Европската Унија да биде геостратегиски проект целиот регион час поскоро треба да го најде своето место во Унијата.
„Би сакал во оваа ситуација да апелирам до оние кои одлучуваат во Брисел и во главните европски градови дека на страна тоа што нема да има никакви безбедносни импликации од тоа евентуално одвојување после јуни, сепак треба да помислат и во светло на најновите случувања во Украина дека ЕУ започна и ЕУ и ден-денеска треба да биде третирана помеѓу другите аспекти и како геополитички проект, геостратешки проект. Во таа смисла, целиот регион треба да го најде своето место час поскоро во ЕУ“,
рече претседателот Пендаросвки на новинарско прашање.
Претходно албанскиот премиер Еди Рама истакна оти Албанија ќе побара од Европската Унија да го продолжи процесот на пристапување во Унијата одвоено од соседна Северна Македонија, која сè уште се соочува со бугарско вето.
Рама во своето обраќање рече дека не е оптимист оти Бугарија наскоро ќе го тргне ветото кое го стави на почетокот на официјалните преговори за пристапување на земјава кон ЕУ во 2020 година, тврдејќи оти не е почитуван договорот за пријателство од 2017 година.
„Албанија веќе не може да чека двата соседи да го решат спорот“,
рече Рама додавајќи дека Албанија има добри односи со двете земји.