Шефицата на бугарската дипломатија порачува дека нема напредок од македонска страна, како и оти нема време Северна Македонија до крајот на француското претседателство да го отвори Уставот за да ги вметне Бугарите како државотворен народ
Има сериозно несогласување за прашањето за Северна Македонија помеѓу Министерството за надворешни работи (МНР) и тимот за надворешна политика на премиерот Кирил Петков за евроинтеграциите и преговорите со Република Северна Македонија, изјави денеска шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, јавува БНТ.
Таа рече и дека не постои документ помеѓу Северна Македонија и Бугарија кој е основа за преговори откако вчера министерот Бујар Османи изјави дека постои ваков документ и дека тој е прифатлив за Владата во Скопје, но дека за него нема одговор од Софија.
Во изјавата бугарската министерка вели и дека речиси ниту една од другите четири точки од 4+1 прашањата не е спроведена од Скопје. Исто така, порачува и дека нема време до крајот на француското претседателство со ЕУ (30 јуни 2022 г.) да се отвори Уставот на Република Северна Македонија и Бугарите да се запишат во него како државотворен народ.
Генчовска е министерка во бугарската влада по предлог на партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов, кој пред десет дена го обвини премиерот Петков дека сака да го тргне ветото за Северна Македонија без притоа да добие некакви гаранции.
ИТН е еден од четирите коалициски партнери во бугарската влада, а дека има несогласувања помеѓу владините партнери потврдил и копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов. Како што пренесуваат бугарските медиуми, тој вели дека очигледно е дека има структурен проблем во коалицијата и за прашањето со Северна Македонија, како и дека не може да има промени на ставот без одлука од Народното собрание.
Премиерот Петков, пак, кој е еден од двајцата предводници на движењето „Промените продолжуваат“, кое освои најмногу гласови на последните парламентарни избори, денеска во врска со Северна Македонија порача дека од бугарска страна тој нема потпишано никаков документ, како и дека неговата влада секогаш се придржува до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција на Бугарија за Република Северна Македонија, која беше усвоена во тамошниот парламент.