И покрај оштетувањата од вчерашната експлозија, руското Министерство за одбрана вчера кажа дека бродот е во пловечка состојба, но оти подоцна потонал во морето при враќањето во пристаништето
Рускиот воен брод „Москва“ од Црноморската флота потона при враќањето во пристаништето, откако вчера беше оштетен при експлозија, соопшти руското Министерство за одбрана, а пренесе „Гардијан“.
И покрај оштетувањата, руското Министерство за одбрана вчера кажа дека бродот е во пловечка состојба, но подоцна потонал во немирното море при враќањето назад во пристаништето.
Во најновото соопштение на руското Министерство за одбрана се вели вели дека нивниот ракетен крстосувач „Москва“ потонал во Црното Море во близина на јужна Украина, а сè уште не е јасно дали бродот бил погоден од украинско вооружување.
Во меѓувреме, портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, смета дека инцидентот со крстосувачот „Москва“ само краткорочно ќе влијае врз воениот потенцијал на Русија, со констатација оти руската морнарица има доволно капацитети.
Според Кирби, Русија од почетокот на инвазијата во Украина имала меѓу десет и 20 активни воени брода во Црното и во Азовското Море, така што е тешко да се процени каков точно ќе биде ефектот од онеспособувањето на овој брод.
„Тие сè уште имаат доволен број воени капацитети на море“,
заклучува Кирби.
Претходно, се информираше оти бродот е тешко оштетен при експлозија која предизвика пожар, до кој, според официјален Киев, дошло откако украинските сили ги испукале своите проектили „Нептун“ кон бродот.
Русија, пак, тврдеше оти до пожарот дошло откако експлодирала муницијата на бродот.
Воениот брод „Москва“ се прослави на почетокот на војната кога украинските бранители на Змискиот Остров ги отфрлија повиците да се предадат, пред тие на крајот да бидат заробени.
Крстосувачот „Москва“ тогаш се приближи до украинскиот Змиски Остров, карпест остров во Црното Море, барајќи од војниците веднаш да се предадат. Но, тие одбија да го сторат тоа, а потоа станаа познати во светската јавност по тоа што еден од нив им порачал на руските војници на бродот: „Одете по ѓаволите!“