Обвинителството денеска соопшти дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и еден државјанин на Северна Македонија
Обвинителката Вилма Русковска во изјава за „Слободен печат“ рече дека Обвинителството за организиран криминал го добило предметот во втората половина на 2021 година и дека има податок за тоа каде се парите
Генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири поднесе оставка на функцијата. Претходно денеска Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека е донесена наредба за истрага против Зеќири за злоупотреба на службената положба и уште две лица, хрватски државјани.
Тој ова го објави и на својата фејсбук-профил.
„Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски. Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија. Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност. Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата“,
напиша Зеќири.
Обвинителството денеска соопшти дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и еден државјанин на Северна Македонија.
Во соопштението се наведува дека во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940 000 евра на штета на буџетот.
Обвинителката Вилма Русковска во изјава за „Слободен печат“ денеска рече дека предметот за истрагата за проневера, која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири и уште двајца хрватски државјани, Обвинителството за организиран криминал го добило во втората половина на 2021 година и дека има податок за тоа каде се парите.
„Истрагата се водеше од Министерството за внатрешни работи, а Обвинителството го доби случајот во втора половина на 2021 година. Оттогаш надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените. По таа мерка, Судот ќе одреди како ќе постапува понатаму. Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесирање ќе биде во Хрватска,“
вели Русковска.