На оваа тема, минатиот викенд шефот на дипломатијата, Бујар Османи, рече дека вработени во наши институции неделава се јавувале во Бугарија со цел да лобираат да не се продолжи со ангажманот за решавање на спорот меѓу двете држави

Слични структури кои беа против зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, се и против постигнување на договор со Бугарија, рече вечерва министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
„Нормално постојат и такви коишто работат на целосно кочење на постигнување на каков било договор со Бугарија. Затоа би оставил тоа службите да го одработат на соодветен начин заедно со сите оние којшто се вклучени во процесот. За нас е многу важно ние да имаме отворен дијалог и принципиелен дијалог со Република Бугарија. Принципиелен дијалог што значи дека ги штитиме нашите национални македонски интереси и притоа да бидеме подготвени да постигнеме компромис којшто ќе значи отворање на вратите за Северна Македонија, за перспективите ЕУ и нашето членство“,
изјави Спасовски.
Сите што преговараат, додаде министерот, треба да имаат на ум дека националниот интерес е најважен, а тоа е зачленувањето во ЕУ, бидејќи немаме некоја друга алтернатива.
„За нас е многу важно што мнозинството граѓани стојат многу цврсто на патот кон ЕУ и ние во ниту еден момент не можеме да се тргнеме од тој пат. Сите други обиди да нè попречат, мислам ќе завршат како тие обиди пред зачленување во НАТО“,
рече Спасовски.
На оваа тема, изминатиот викенд зборуваше и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој рече дека вработени во наши институции неделава се јавувале во Бугарија со цел да лобираат да не се продолжи со ангажманот за решавање на спорот меѓу двете држави.
Премиерот Ковачевски, пак, пред два дена изјави дека се преземени мерки за македонските службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи на двете земји, но не откри повеќе детали.
