Санкцијата за европратеникот Ангел Џамбаски ја соопшти денеска претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, пред почетокот на пленарната седница. Таа прецизира оти Џамбаски ќе биде казнет со шест дневници од по 338 евра кои Европарламентот им ги плаќа на пратениците како надоместоци, кои меѓу другите трошоци го покриваат престојот во хотел или оброците
Овие санкции за Џамбаски доаѓаат откако тој на 16 февруари, излегувајќи од салата на Европскиот парламент, направи гест со подадена рака, налик на нацистички поздрав

На бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ќе му биде ускратено правото на дневница за шест дена, што е еднакво на нешто повеќе од 2 000 евра, откако пред два месеца, излегувајќи од салата на Европскиот парламент, направи гест со подадена рака, налик на нацистички поздрав.
Санкцијата за европратеникот Ангел Џамбаски од Партијата на европските конзервативци и реформисти ја соопшти денеска претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, пред почетокот на пленарната седница. Таа прецизира оти Џамбаски ќе биде казнет со шест дневници од по 338 евра кои Европарламентот им ги плаќа на пратениците како надоместоци, кои меѓу другите трошоци го покриваат престојот во хотел или оброците.
Џамбаски има право на жалба.
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски на 16 февруари „ја подигна десната рака во гест што беше протолкуван како нацистички поздрав додека ја напушташе салата“, епизода што „го наруши достоинството и угледот“ на Парламентот, посочи Мецола.
Контроверзниот настан се случи по интервенција на Џамбаски за време на дебатата во Парламентот за владеењето на правото, а по одлуката на ЕУ да ѝ дозволи на Комисијата да ги скрати средствата на земјите кои не ги почитуваат вредностите и принципите на заедницата.
Џамбаски ја нападна таа одлука, која ја опиша како „омраза кон националните држави“ и ја обвини ЕУ оти се обидува да ги „засрами“ Унгарија и Полска. Откако повика на „долг живот на Орбан, Фидес, Качински, Бугарија и нашата национална држава“, тој додаде: „Да живее Европа, Европа на народите“, за потоа да го направи контроверзниот гест кога се качуваше по скалите во салата.
Џамбаски потоа во реакција на настанот ги негираше обвинувањата оти упатил нацистички поздрав и рече дека тоа е само гест за збогум и се извини ако неговото мавтање навредило некого.
„Фактот што некој не се согласува со вас не значи дека е нацист. Се извинувам ако моето невино мавтање навреди некого“,
напиша тој одговарајќи на твит во кој се критикува неговото однесување.