Во однос на историската комисија, премиерот рече дека кога таа има заеднички став тогаш ги информира и владите на двете држави, а во овој момент нема предлози од комисијата до двете влади

Преземени се мерки за македонски службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи на двете земји, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски од Битола откако вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи соопшти дека вработени во наши институции се јавувале во Бугарија со цел да лобираат да не се продолжи со ангажманот за решавање на спорот меѓу двете држави.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со овие информации, но и со изјавата на премиерот на Бугарија, Кирил Петков, дека руски агенти работеле против односите на двете држави, Ковачевски повтори дека нема причини да не му верува на бугарскиот колега.
„Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација за тоа што се случи и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации. Премиерот Кирил Петков даде јавна изјава дека постојат лица кои работеле против нивните интереси (интересите на Бугарија), а потоа и против добрососедските односи и против постигнувањето на евентуален договор. Како што е познато, во Бугарија има истрага, а јас немам причини да не му верувам на премиерот на Бугарија бидејќи тој тоа многу транспарентно го соопшти во обем на кој може да се соопшти, бидејќи се работи за класифицирани информации и истрага. За нашите службеници преземени се активности, но не можам да ви кажам други детали“,
изјави Ковачевски.
Премиерот оцени и дека односите меѓу Бугарија и Северна Македонија се на многу подобро и на многу повисоко ниво на комуникација отколку што биле во периодот пред доаѓањето на двете нови влади.
„Ние веднаш воспоставивме дијалог со премиерот на Бугарија, потоа имавме заедничка владина седница во Софија каде беа формирани и почнаа да работат групи со веќе видливи резултати во различни области значајни за граѓаните, но и за економските субјекти, за развој на инфраструктурата, развој на образованието, а денес има средба на работната група за евроинтеграции. На заедничката владина седница присуствуваа и копретседателите на Историската комисија и карактеристично за нив е што работат по своја методологија, независно од политичарите и од другите работни групи. Кога во таа комисија има заеднички ставови тогаш заеднички соопштуваат и ги испраќаат до владите. Во овој момент нема предлози од страна на Историската комисија до двете влади“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека клучно за комисијата е разговорите да ги водат во позитивен дух бидејќи историските факти и сознанија треба да претставуваат добра основа за градење на пријателство и соработка меѓу две соседни држави.
