Министерот за надворешни работи на денешниот брифинг појасни дека уште во 2019 година било решено С Македонија и Бугарија заеднички да ги чествуваат Цар Самоил, Свети Кирил и Методиј и Свети Климент Охридски.
Оваа негова изјава доаѓа откако бугарскиот историчар и член на комисијата за историја, Ангел Димитров, пред два дена во Скопје, изјави дека темата за Цар Самоил е завршена работа.
„Во 2019 година е решено прашањето за заедничко чествување на Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски. Овие договори не се објавени, бидејќи чекавме во овој процес на заокружување на политичките прашања да најдеме начин кога и како ќе се објават текстовите, но членовите на Историската комисија од наша страна стојат во одбрана на тоа што го потпишале и го одобриле како текст. Во моментов се зборува дали тие содржини ќе се препорачаат на училиштата за учебниците и сепак оставам Комисијата да ги објасни тие детали“,
изјави Османи.
Инаку, членот на македонско-бугарската комисија за историја, Петар Тодоров, вчера за ТВ 24 изјави дека нема договор дека Цар Самоил е Бугарин, туку дека е договорено само заеднички да се чествува.
По дводневниот состанок во Скопје, Тодоров испрати порака до политичарите од власта и опозицијата да не ја користат историската комисија за политички поени велејќи дека напредок има, но тој е само подобрена комуникација меѓу тимовите и позитивна атмосфера.
