Покрај експремиерот, се огласи и тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска за која членството во НАТО покрај историски успех и е наша клучна безбедноста гаранција. Бојната во Украина, вели таа, покажа колку е важно да бидеме дел од најмоќната воено-политичка алијанса
И Никола Димитров, кој во тогашната влада беше министер за надворешни работи, преку објава на социјалните мрежи порача дека нашето членство во НАТО е историски момент, а исто како и останатите, потенцира дека тоа добива посебна тежина во време на руската агресија врз Украина

Поранешниот премиер Зоран Заев, во чиј мандат земјава стана членка на НАТО, се огласи по повод две годишнината од зачленувањето во Алијансата, испраќајќи порака поминатиот пат дотаму вреден.
„Годишнината од членството во НАТО е повод кој го буди секое македонско срце. Момент на кој сите се сеќаваме со гордост. Денес, кога беснее разорна војна, гледаме колку е значајно тоа што ние сме НАТО. За секој граѓанин денес да биде спокоен, за домот ни е сигурен и безбеден – вредеше! Тргнавме со лузни од крвави удари по дома и раб на граѓанска војна. Се изборивме за реформи кои нè трансформираа од заробена држава во демократија. Излеговме од изолацијата од светот, за денес да носиме одлуки за нашата судбина рамо до рамо со најмоќните во светот“,
вели Заев.
Експремиерот се потсетува и на Преспанскиот договор со чие потпишување се отворија вратите на НАТО за Северна Македонија и вели дека сегашните случувања во Украина потсетуваат зошто било важно спорот со Грција да се реши преку дипломатија и мир.
„Светот нè награди мене и мојот драг пријател Ципрас со мировни награди, но вистинската награда е тоа што двата народи денес ни живеат во мир и слога. Референдумот од 2018 го поддржаа над 600 000 граѓани. Со зборовите на мојот драг пријател Столтенберг: ’Вратата на НАТО е отворена, но само граѓаните на вашата земја можат да одлучат да ја поминат‘. Навистина беше така, поддршката за референдумот од граѓаните беше поголема од која било друга политичка идеја низ историјата после референдумот за независност. Изминавме долг пат, кој го занемаривме од дента кога горди го гледавме македонското знаме како се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел. Ден кој е историја. Важно предание за нашите поколенија“,
се потсетува Заев.
Објавата по повод двегодишнината од членството, поранешниот премиер ја затвора со порака дека треба да се радуваме на овој ден.
„Вредеше, мој народе! Остварувањето на вековниот сон на нашите револуционери. Обезбедувањето сигурност за сегашноста. Обезбедувањето иднина за младите. Вредеше! Да му се радуваме со гордост на овој ден!“,
вели Заев.
Покрај експремиерот, се огласи и тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска за која членството во НАТО покрај историски успех и е наша клучна безбедноста гаранција.
„Војната во Украина покажа колку е важно да бидеме дел од најмоќната воено-политичка алијанса. Покажа дека членството во НАТО е единствениот сигурен начин да ги одвратите ’поголемите‘ да мислат дека силата им дава право. Денешните предизвици покажаа што значи вистинскиот патриотизам: да ја направиш својата земја посигурна, да создадеш сојузници, да ги направиш граѓаните сигурни, а инвеститорите спокојни“,
вели Шекеринска.
И Никола Димитров, кој во тогашната влада беше министер за надворешни работи, преку објава на социјалните мрежи порача дека нашето членство во НАТО е историски момент, а исто како и останатите, потенцира дека тоа добива посебна тежина во време на руската агресија врз Украина.
„Ова е историски момент кој им припаѓа на сите македонски граѓани и на плејада визионери, војници, дипломати, државни службеници и политичари, кои макотрпно, во текот на изминатите три децении, работеа да се оствари каузата за побезбедна и попросперитетна татковина. Членството во НАТО добива посебна тежина во време на руската агресија врз Украина, кога гледаме дека ужасот на војната е сè уште можен на европско тло. Завршивме голема работа, заокруживме важна приказна за денес македонскиот територијален интегритет и безбедност да се гледаат во еден сосема друг контекст и во ваква Европа и на овој наш бурен Балкан“,
вели Димитров.
Северна Македонија пред две години стана 30. земја-членка на НАТО. Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со ковид пандемијата, в.д. амбасадорот на земјава во САД Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер.
