Во Алијансата влеговме во услови на пандемија со коронавирусот, а две години потоа годишнината ја одбележуваме во услови на геополитичка нестабилност и воена криза предизвикана од руската агресија на Украина
На 27 март 2020 година, в.д. амбасадорката на Северна Македонија во САД, Вилма Петковска, на американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО.
Денеска, 27 март 2022 година, државата одбележува две години од членството во најголемиот воено-политички сујуз на светот, Северноатлантската Алијанса.
Ако официјализирањето на членството беше невообичаено, во услови на глобална пандемија и на закана за светската економија, а во слична атмосфера помина и одбележувањето на првата годишнина, двете години од пристапувањето ги дочекуваме во услови на воена агресија на европското тло – руската инвазија врз Украина која започна на 24 февруари.
„Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата беше долг и макотрпен, но сега, во време на воена криза од вакви размери, гледаме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Северна Македонија е дел од мисиите на Сојузот, како и од вежбите кои тој редовно ги спроведува“,
рече премиерот Димитар Ковачевски пред два дена во Брисел каде беше токму за вонредниот НАТО Самит.
Во пресрет на двегодишнината синоќа и зградата на Министерството за надворешни работи (МНР) светеше во боите на НАТО. Важноста на членството ја истакна и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
„Да се биде дел од трансатлантското семејство, особено во овие времиња на геополитичка нестабилност, е значајно постигнување и цврста гаранција за нашата безбедност и просперитет. Северна Македонија е на заедничка маса со најразвиените демократии во светот и е активен чинител во глобалните безбедносни политики. Со нашите НАТО партнери сме обединети и одлучни заеднички да одговориме на актуелните безбедносни предизвици предизвикани од инвазијата на Русија во Украина и да го дадеме својот придонес за зачувување на светскиот мир и стабилност“,
порача Османи.
Од Резолуцијата за пристапување во 1993 г. до кревањета на знамето во 2020 г.
Соработката на нашата држава со НАТО започна во декември 1993 година, кога Собранието на, тогаш, Република Македонија ја усвои Резолуцијата за пристапување на РМ во НАТО (Северноатлантската договорна организација).
Во ноември 1995 г., станавме членка на Партнерството за мир (ПзМ), а во јуни следната година беше отворена и Канцеларијата за врски на Република Македонија при НАТО.
Следната, 1997 г., државата беше примена во ПАРП процесот, а набргу потоа беше отворена и Мисијата на Република Македонија при НАТО во Брисел.
На Самитот во Вашингтон во април 1999 г., официјално станавме и земја-кандидат. Со таков статус останавме дваесетина година.
Најблиску до НАТО бевме во 2008 г., на самитот во Букурешт, но Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името. Откако по речиси три децении спорот беше надминат со Преспанскиот договор потпишан на 17 јуни 2018, вратата за НАТО се отвори.
По неполн месец, на Самитот во Брисел одржан на 11-12 јули 2018 г., Алијансата официјално упати покана за започнување на пристапните преговори за членство.
Во октомври истата година, на состанок во Брисел формално беа завршени пристапните разговори, а на 6 февруари 2019 г., постојаните претставници на 29-те земји членки на Алијансата во седиштето на НАТО го потпишаа пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија.
Со потпишувањето на Пристапниот протокол, започнува следната фаза во која следуваше негова ратификација во националните парламенти и институции на земјите-членки на Алијансата, а беше ратификуван и во нашето Собрание.
На официјализирањето на полноправното членство што се случи на денешен ден пред две години, му претходеше потпишување на Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на претседателот Стево Пендаровски на 20 март 2020.
Во услови на пандемија и на церемонија со ковид-протоколи, на 30 март 2020 државното знаме се крена пред седиштето на НАТО во Брисел, но и во Командата на сојузничките сили за операции во Shape – Монс и Команда на сојузничките сили за трансформации во Норфолк, Вирџинија.