СДСМ, пак, претходно споделувајќи видео ја прозва ВМРО-ДПМНЕ дека Христијан Мицкоски бил единствениот кој не аплаудираше и не честиташе за членството на НАТО кога пред околу две години во Собранието беше изгласан Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор
На одбележувањето на две години од членството во НАТО, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ упатија критики до владата на СДСМ за „посветеноста“ на Алијансата забележувајќи на немањето највисок воен претставник, падот на рејтингот на Армијата итн.
„Колку е посветен СДСМ на НАТО можеме да видиме со тоа што до ден денеска ние немаме највисок воен претставник во Алијанса во Брисел“,
рече пратеникот и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од социјалдемократите дека ВМРО-ДПМНЕ е единствена партија која не се радува на членството на Македонија во НАТО.
Во критиката, Ковачевски додаде и дека посветеноста на СДСМ на Алијансата се забележува и по тоа што од доаѓањето на власт на социјалдемократите македонската армија паднала за цели 12 места на светската ранг-листа на „Глобал Фајрпауер“ и сега е на 134. место.
„И последно колку се грижи СДСМ за војниците и за функционирањето на Армијата, можеме да видиме само во делот на исхраната, парното греење и подобрувањето на основните услови за живот“,
рече Ковачки.
СДСМ, пак, претходно ја прозва ВМРО-ДПМНЕ дека Христијан Мицкоски бил единствениот кој не аплаудираше и не честиташе за членството на НАТО.
„На денешен ден одбележуваме 2 години од членството во НАТО. Додека сите граѓани се радуваа и гласно го поздравуваа големиот успех на државата, и исполнувањето на една клучна стратешка цел, членството во НАТО, само Мицкоски не честиташе. Ова е видео потсетување како цела собраниска сала аплаудира само Мицкоски не, прави сè друго, само не се радува, не честита. Тоа е Мицкоски, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Ништо се нема променето во оваа партија“,
рекоа од СДСМ споделувајќи видео од изгласувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието пред околу две години.