Македонската репрезентација славеше со 1:0 против Италијанците со голот што го постигна Александар Трајковски во 92. минута

Македонската фудбалска репрезентација вечерва победи на гостувањето во Палермо, Италија, и го елиминираше актуелниот европски првак од борбата за настап на Светското првенство во Катар оваа година.
Вечерашниот меч беше полуфинале во баражот за Мундијалот, а во финалето македонските фудбалери ќе се соочат со Португалија која вечерва ја победи Турција со 3:1.
Македонската репрезентација славеше со 1:0 против Италијанците со голот што го постигна Александар Трајковски.
Трајковски, кој инаку е поранешен фудбалер на Палермо, ги шокираше Италијанците со удар од далечина во судиското продолжение, во 92. минута.
Чекорот до историскиот пласман на едно Светско првенство, фудбалерите ќе треба да го направат на 29 март за кога во Порто е закажан финалниот меч против Португалците.