Владата на Велика Британија го опишува како „современ систем за противвоздушна одбрана“, кој може да погоди објект со големина на тениско топче што се движи со брзина на звукот
Се надевам дека ова испраќа порака до Кремљ, да нема ниту една секунда сомнеж, дека ќе застанеме заедно, ќе се залагаме за нашите вредности и ќе ги браниме нашите пријатели како Полска од каква било понатамошна агресија, изјави британскиот министер за одбрана денеска во Варшава
Обединетото Кралство ќе распореди ракетен систем „Скај сејбер“ во Полска, заедно со 100 војници, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас денеска во Варшава.

Претходно оваа недела најмалку 35 луѓе беа убиени во руски воздушен напад врз базата за обука „Јаворив“, во близина на главниот граничен премин меѓу Полска и Украина што го користат бегалците од конфликтот.
Британскиот секретар за одбрана вели дека тоа е најновата британска ракета за противвоздушна одбрана со среден дострел откако во декември владата објави дека го заменува системот „Рапиер“.
„Скај сејбер“ е истиот тип ракета што Полска ја развива за идна употреба, објасни Валас, по разговорите со неговиот полски колега Мариуш Блашчак.
„Се надевам дека ова испраќа порака до Кремљ, да нема ниту една секунда сомнеж, дека ќе застанеме заедно, ќе се залагаме за нашите вредности и ќе ги браниме нашите пријатели како Полска од каква било понатамошна агресија“,
изјави тој за време на денешната посета на Варшава.

Овој потег на Лондон е во време кога НАТО се обидува да ја зајакне безбедноста на своето источно крило по руската инвазија на Украина, нешто што го најави и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пред вонредниот состанок.
Валас на прес-конференција во Варшава рече дека Британија ќе распореди противвоздушен ракетен систем со среден дострел во Полска со околу 100 лица, во знак на поддршка на Полска, заштитувајќи го нејзиниот воздушен простор од каква било понатамошна агресија на Русија.
Што е „Скај сејбер“
Владата на Велика Британија го опишува како „современ систем за противвоздушна одбрана“, кој може да погоди објект со големина на тениско топче кој се движи со брзина на звукот.
Според британската армија, системот вклучува три компоненти: радар за 3Д-надзор, бојно менаџирање и разузнавање и лансер на проектили.
Исфрла ракети од 99 килограми кои можат да достигнат брзина до 3 700 километри на час.
Во пракса, тоа ќе ѝ даде на Полска способност да се брани од млазни ловци, проектили и бомби.