Трговците да не создадат вештачка криза со тоа што ќе влијаат психолошки кај граѓаните да купуваат што повеќе производи, порача министерот
Трговците да не ја злоупотребуваат ситуацијата, порача министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето на ТВ 21. Граѓаните, пак, редовно да ги земаат фискалните сметки и на бројот 191 да пријавуваат за секакви нерегуларности.
„Трговците да не ја злоупотребат ситуацијата со цел да остварат дополнителен профит, а најважно да не создадат вештачка криза со тоа што ќе влијаат психолошки кај граѓаните да купуваат што повеќе производи, тоа не е потребно бидејќи имаме доволни количини“,
потенцира Бектеши.
Министерот посочи дека редовно и навремено се постапува по сите поплаки од страна на граѓаните во однос на нерегуларностите од страна на маркетите.
„Веќе се казнети најголемите ланци на супермаркети, денеска бев информиран од страна на секторот во Министерството за економија, дека има поплаки за одреден супермаркет и веднаш го информиравме Државниот пазарен инспекторат, кој согласно моите информации веднаш постапил“,
изјави министерот нагласувајќи дека ако се повтори тој прекршок ќе следи дополнителна мерка.